Претседателот на Конфедерација на слободни синдикати (ККС), Благоја Ралповски, во интервју за „Слободба Европа“ изјави дека најавата на Министерството за здравство, односно министерот Венко Филипче, дека ќе се бркаат од работа невакцинираните работници е сосема неуставно и дискриминирачки.
„Не може вработените во јавниот сектор или кој било работник, со уцени да се тераат да се вакцинираат за да може да влезат на работно место. Тоа е забрането со Устав, забрането со закони, впрочем и во Европскиот совет, која е најстара европска институција донесоа резолуција во која кажаа дека вакцинирањето треба да биде доброволно. И сега наеднаш како гром од ведро небо доаѓа уцена до работниците коишто не се вакцинирани дека не може да одат на работа доколку не се вакцинирани. Работниците во јавниот сектор се најсиромашните работници, кажавме дека 70 – 80 илјади од тие работници земаат минимална плата и да ги оптоваруваме со ПЦР тестови за да можат да одат на работа, мислам дека не е ниту хумано, ниту човечки да се кршат основните човечки права.
Затоа ние велиме дека оваа мерка е радикална и доколку Владата ги усвои, ние ќе ги употребиме сите синдикални легитимни средства за да се спротивставиме на овие мерки, затоа што многу работници во јавниот сектор, нашите сознанија и претпоставка дека некаде околу 30 проценти не се вакцинирани, тие ќе останат без работа, но ние сме тука за да ги заштитиме и да ја спречиме оваа драконска мерка, оваа радикална мерка која ги крши сите човекови права,“ истакнува Ралповски.
фото-rabotnik.com.mk