Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ со пораз во полуфиналето на АТП турнирот во Торино ја заврши календарската година, а на синоќешната прес-конференција по дуелот со Александер Зверев остана таинствен дали во февруари ќе настапи на Австралија Опен.
Неизвесноста околу настапот на српскиот тенисер на првиот грен-слем турнир во 2022 година порасна, откако организаторите во Мелбурн објавија вчера дека сите тенисери, кои ќе сакаат да настапат, мора да бидат вакцинирани против коронавирус.
Ѓоковиќ досега никогаш не се изјасни децидно дали е вакциниран, истакнувајќи дека тоа е „приватна работа“.
„ Не знам дали ќе играм во Мелбурн. Ќе видиме,“ изјави кратко Ѓоковиќ, по поразот од Александер Зверев во полуфиналето во Торино.
За српскиот тенисер ова беше втор пораз сезонава од германскиот тенисер.
МИА