Експропријацијата на првата фаза од автопатската делница Скопје – Блаце е целосно завршена, градбата се одвива со добра динамика и очекувам наредната година да биде готова, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Во 2020 година кога дојдов на функцијата беа останати уште неколку предмети, но веќе се завршени и градбата оди непречено. На одредени позиции има нови состојби кои ги увидуваат надзорните органи и тие предизвикуваат да се направат некои нови работи во делот на потпорни ѕидови и решавање на косини со што потоа автопатот безбедно би бил ставен во функција,“ рече Бочварски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Предизвиците, како што кажа, се решаваат тековно и не се од некој голем обем кој не може брзо да биде решен.
„Верувам дека во текот на наредниот период ќе се отстранат и ќе продолжи изградбата на тие позиции. Градбата на првата делница се одвива со добра динамика и очекуваме наредната година да биде завршена заедно со сите предизвици кои се јавуваат во текот на градењето,“ посочи Бочварски.
миа