Казената политика, мерките и сите отворени прашања во врска со пандемијата, ќе бидат дискутирани следната недела – најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Тој попладнево изјави дека не е лесно да се препорачаат рестриктивни мерки, но се неопходни за да се заштити здравствениот систем. Во однос на вакцинацијата против коронавирусот, истакна дека таа не е задолжителна во ниту една земја.
„Сите земји од регионот применуваат вакви мерки, сѐ повеќе рестрикции се однесуваат на невакцинираните, јасно ставајќи до знаење дека тие се ризикот. Гледаме дека денеска Грција донела мерка да се забрани влез во затворено место за сите граѓани кои не се вакцинирани. Сѐ уште нема земја ниту има препорака од некоја меѓународна институција оваа вакцина да стане задолжителна и да влезе во календарот. Кога би се случило, а верувам дека тоа ќе биде еден од начините да се излезе од кризата во текот на следната година и ние би го направиле тоа. Засега нема такви препораки. Следиме примери кои се имплементираат во различни земји од светот“, истакна Филипче.
Тој рече дека на почетокот се согледувало и анализирало дали има ефект од трета доза, по што било потврдено дека таа ја ја зголемува ефикасноста на целокупниот процес на вакцинација. Според актуелните препораки во државава, таа кај вакцинираните со кинеските вакцини се дава по третиот месец од примањето на втора доза, а кај сите останати по шестиот месец.
Ресорниот министер најави дека наскоро ќе пристигне донација од Италија. Оваа земја ќе ни донира двесте илјади дози од вакцината на Фајзер со рок до крајот на февруари следната година.
Во овој момент државата располага со 20 000 дози од вакцината на АстраЗенека и 470.000 дози од Вакцината на Фајзер. Од нив, 200.000 беа донирани денеска од Полска.
„Само со меѓународна соработка може да се бориме со коронавирусот. Ме радува тоа што можам да предадам донација од 200.000 дози вакцини Фајзер на македонскиот народ. Се надевам дека со овие вакцини македонскиот народ ќе успее да стекне имунитет“, порача при денешната донација првата дама на Полска, Агата Корнхаузер-Дуда.
Сопругата на претседателот Пендаровски пак, Елизабета Ѓорѓиевска рече дека ваквата донација е зрак на солидарност, потребен во овие тешки денови на глобална криза.
„Голем број од нас загубија луѓе, блиски роднини и пријатели и засега само вакцината е единствен излез од оваа ситуација. Ве замолувам, заради себе, вашите блиски и заради сите во околината да примите вакцина“, порача таа.
Филипче наласи дека Полска е една од првите држави кои покажале солидарност со донацијата на вакцини, а сега располагаме со значајна количина вакцини, што е сосема доволно за краток временски период граѓаните да се вакцинираат.
(В.Ми)