Во тек е набавката на јаглен за потребите за ТЕЦ Осломеј, избран е понудувач и компанијата веќе започнала со испорака на количините на јаглен, потребни за производство на струја. Треба да се креираат одредени резерви за блокот на термоцентралата да почне со работа. Тоа денеска го посочи вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање на денешното отворање на Центарот за поддршка на социјални претпријатија на првиот Национален саем за социјални претпријатија во Скопје.
Тој додаде дека будно се следи состојбата и ако има потреба, на почетокот на следната година ќе се интервенира со финансиски средства од буџетот, за да им се помогне на стопанството и на домаќинствата.
„Се случи една мала хаварија со трансформаторот за блок 3 во РЕК Битола и започнувањето со работа ќе биде одложено за подоцна во декември. Но, сметам дека до крајот на оваа или почетокот на следната седмица ќе биде завршена тендерската постапка за набавка на јаглен“, рече тој.
Евентуалните испади што ни се случуваат во блоковите, според Битиќи, се последица на застаеност на капацитетите и недоволните инвестици во последните 10, 15 и 20 години. Тој додаде дека, менаџментот на енергетските компании има контрола врз производството на електричната енергија и дека се надевам дека ќе се продолжи со ставањето во функција на ТЕЦ Неготино.
„Од 1 декември ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј ќе почнат со работа и мислам дека ќе се подобри целокупната производна состојба во нашата земја“, потенцира Битиќи.
Во врска со 65 милиони евра од буџетот за енергетските компании, тој објасни дека тие се поделени за три различни мерки. Една е набавката на јаглен, затоа што само со тоа ќе има дополнително производство на струја, поевтина од увозната. Другите мерки се за да можат да оперираат снабдувачите на електрична енергија за стопанството, но и за јавните институции и да се вклучи државниот капацитет, ЕЛЕМ Трејд, кој во суштина ќе набавува струја со подобра цена од другите.
М.Т.