Вкупните депозити во октомври, на годишна основа, се повисоки за 8,1 отсто, при раст кај двата сектора, компании и домаќинства, но е поизразен кај секторот „домаќинства“, објави Народната банка на Северна Македонија (НБРСМ). Вкупните кредити во октомври, во споредба со истиот месец лани, забележаа месечен раст од 0,6 отсто, како резултат на растот на кредитирањето на двата сектора. Вкупните кредити, пак, во октомври, бележат раст од 6,7 проценти, со поголемо учество на секторот „домаќинства“.
Во октомври кај кредитите на домаќинствата е остварен раст на месечна и годишна основа од 0,5 и 7,3 проценти, соодветно. Анализирано според валутната структура, кредитите во денари имаат поголем придонес кон растот по двете основи.
Според намената на кредитите на физичките лица, во октомври, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени, бележат месечно зголемување од 0,5 отсто и 1 отсто, соодветно, како и годишен раст од 6,3 отсто и 16 отсто. А, автомобилските кредити, во октомври, се зголемени за 0,7 отсто на месечна основа, додека на годишна основа се пониски за 14,1 отсто.
Овој месец, кредитите одобрени на кредитни картички бележат надолна месечна и годишна промена од 0,5 и 10,8 отсто. Кај негативните салда на тековните сметки, во октомври, е остварен раст на месечна и на годишна основа, од 1,5, односно 1,3 отсто, додека кредитите одобрени врз други основи забележаа месечно и годишно намалување од 1,3 односно 29,8 проценти.
Паричната маса во октомври 2021 година, забележа месечен пад од 0,5 отсто, што во најголем дел произлегува од намалувањето на депозитните пари, а во помала мера и на долгорочните депозити. Годишниот раст на паричната маса изнесува 9,7 отсто и главно произлегува од зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити.
Објавено на: 11/19/21 2:42 PM