Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, во споредба со вакцинираните лица против ковид-19. Во период од 6 август до вчера, на територија на државата од вкупниот број починати, 80 отсто биле невакцинирани, а 20 отсто од починатите примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, информираат од Министерството за здравство.
Во овој период, во целата држава 53.682 граѓани биле позитивни на ковид-19, од кои 31 отсто биле целосно вакцинирани, односно 16.702 лица. Голем е бројот на невакцинирани кои се заразиле со корона вирусот и според статистика за изминативе 3 ипол месеци, 36.980, граѓани, односно 69 отсто од позитивните не биле вакцинирани.
Процентот на хоспитализирани кои не примиле вакцина е голем и од моментално 534 хоспитализирани лица, 123 се целосно вакцинирани. За вакцинирани, како што се посочува од МЗ, се сметаат лицата кои примиле две дози и кај кои поминале најмалку 14 дена од втората доза вакцина. Од ова мнистерство апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на СарсКоВ2.