Новата болница во Штип остана без пари – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/21 8:55 AM

Новата болница во Штип остана без пари

Министерството за здравство потврди дека Банката на Советот на Европа, која беше финансиер на изградбата на Регионалната клиничка болница во Штип сака да го повлече финансирањето. Објектот, кој навлезе во својата шеста година од изградба, е во фаза на внатрешно уредување, иако има уште делови од надворешната фасада, кои чекаат на завршување.

-Со оглед на тоа што има каснење на изведбата како резултат на судски процес и блокада помеѓу изведувачот и првичниот подизведувач, Банката на Советот на Европа најави повлекување на финансирањето, соопшти Министерството за здравство.

Оваа информација уследи откако изминатите два дена опозициската ВМРО ДПМНЕ објави во јавноста дека новата штипска болница нема да ја добие траншата од 13,43 милиони евра поради застој во градбата. Лидерот Христијан Мицкоски вчера на прес конференција прочита дел од документот, за кој тврдеше дека е писмото што Банката го испратила во Министерството за здравство.

– Бидејќи имаме многу слаб прогрес од есента 2018-тата, и дека практично проектот стои, преостанатите 13,43 милиони евра коишто беа обезбедени, ќе бидат прекинати, читаше Мицкоски од парче хартија.

Од Министерството појаснуваат дека дополнително, проблем е судскиот спор, кој се води меѓу изведувачот, грчки „Интеркат“ и подизведувачот, „Бетон – Штип“.

-За жал затекнавме процес на изградба со нецелосен проект кој доведе до судски спор во кој Министерството за здравство(МФ) не учествува, а со тоа и стопирање на изградбата на КБ Штип. Проектот се обидувавме да го коригираме. Во договор со Министерството за финансии изградбата ќе продолжи со друг финансиски извор, на што МФ веќе работи, веднаш откако ќе се одглави процесот помеѓу изведувачот и првичниот подизведувач, односно ќе заврши спорот помеѓу овие две страни, објави Министерството.

Судскиот спор трае веќе една година. Според најавите, може да потрае уште, бидејќи процесот е вратен од почеток. Адвокатот Сашко Бошков ни потврди дека по добиениот спор на Основен суд и Апелацискиот суд во Штип, укината е пресудата од страна на Врховниот суд и предметот е вратен на повторно разгледување пред Основниот суд. „Бетон –Штип“ ја тужи грчката фирма „Интеркат“, која го доби тендерот и го ангажира „Бетон“ како подизведувач. Грците пак парите си ги бараат од Министерството за здравство.  „Бетон“ бара два милиони евра за завршените работи.

Во овој лавиринт на договори, изведувач – подизведувач, судски спор, крајно неизвесно е што понатаму ќе се случува со објектот, кој требаше да биде најсовремен болничко – дијагностички центар за над 200.000 жители во Источна Македонија. Сегашниот објект на Клиничката болница одамна бара реновирање, меѓутоа, се чекаше изградбата на новата болница, која требаше да биде завршена во 2018 година, а според последниот рок, во средината на минатата година.

Штипјани веќе почнаа да ги бројат „спомениците на прекинатите проекти“. На една од висинките на Штип стои карабината на Домот за стари лица, кој не успеа да ги добие сите документи, а Здружението на пензионери како инвеститор, остана без пари. Од спротива, се гледа објектот на новата болница, за кој се бара нов финансиер. Малку погоре е затворениот базен, кој прво требаше да биде готов во април, па во октомври. Но, базенот, според најавите, е со најголема шанса да не се најде во оваа листа.

 

(В.К.)