Судењето за „27 април” продолжува со воведни зборови на одбраната – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/18 8:16 AM

Судењето за „27 април” продолжува со воведни зборови на одбраната

Со воведни говори на одбраната во Кривичниот суд во Скопје и денеска продолжува судењето за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Судскиот процес започна во средата кога воведен говор даде обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на дел од обвинетите, а продолжи вчера со воведни говори на адвокатите на поголем дел од обвинетите. Покрај за денеска, ново судско рочиште е закажано и за в понеделник.

Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа.

Вкупно обвинети се 33 лица од кои 31  за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање.  На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Судијката Кацарска закажа вкупно 37 термини за главна расправа и претходно најави дека се очекува на денешното рочиште да завршат воведните говори на одбраната.