Регионот е како остров опкружен со ЕУ и НАТО членки. Процентот на поддршка за членство во НАТО варира, меѓутоа секогаш е од две третини до три четвртини од граѓаните сметаат дека ова е добро за Македонија, истакна вчера министерот за внатрешни работи Никола Димитров во интервју за МИА, коментирајќи ја подготвеноста на Владата во спротивставување на обидите на Русија да се меша и влијае врз референдумот.
– Ние сме горда, но мала, земја во срцето на Балканот. Сакаме да имаме пријателски односи со сите, почнувајќи од нашите соседи до големите играчи. Нашиот пат кон НАТО е започнат од 1993 година и за нас тоа е работа што требаше да се заврши и порано. Ние требаше да станеме членка во 2008 година. И во таа смисла ова е незавршена задача. Тоа не значи дека сакаме да имаме тензични или негативни релации со некого, вклучително и со Руската Федерација, истакна Димитров.
Посочува дека ова не е или-или избор и дека не мора да значи дека нашиот северноатлантски пат е непријателство.
– Сакаме да имаме добри односи. Тоа е наша одлука и одлука на граѓаните. Во регионот мислам дека имаме доволно маки и не треба Балканот да биде поле за натпревар на други сили, нагласи Димитров.
Според него, во овој деликатен период важно е институциите да бидат многу внимателни, а граѓаните пак да ги препознаваат лажните вести, оти како што вели очигледно е дека лажните вести се оркестрирани.
Прашан за руската стратегија за поткопување на демократските инстутиции на Запад преку извршување на кибер напади директно на државни, партиски или невладнини институции и дали за тоа Македонија ќе добие помош од САД, Димитров кажа дека имаме одлична соработка со Стејт департментот во многу области кои вклучуваат и зајакнување на административните капацитети на нашата Влада и на министерствата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА, вели дека во пресрет на референдумот ситуацијата во земјата е стабилна, и иако постојат сили кои гледаат шанса, сепак тоа се минорни сили кои не можат да придонесат за дестабилизација.
За тврдењата дека странски служби се обидуваат да „роварат“ пред референдумот и за руско мешање во „македонските работи“, Спасовски вели дека Македонија има јасен став, национален, витален интерес да стане членка на НАТО и на ЕУ, не сака да се мешаме во работите на други држави, ниту од регионот, ниту пошироко, но нема да дозволиме некој да и наметнува свои интереси.
– Ако разговараме за тоа дали ставот на Русија е дека Македонија не треба да биде членка на НАТО- да, тоа е нивен став. Меѓутоа, наш јасен став, национален, витален интерес за Македонија е да стане членка на НАТО и на Европската унија, истакнува Спасовски.