Нема повеќе влегување во Штип, од утре во функција обиколницата кај Три Чешми – ММС
ММС

Објавено на: 11/17/21 2:10 PM

Нема повеќе влегување во Штип, од утре во функција обиколницата кај Три Чешми

Обиколницата кај населбата Три Чешми од утре се става во функција. Таа е дел од експресниот пат од влезот на Штип до мостот на реката Брегалница.

„ Граѓаните на Штип, на радовиш, Струмица и сите други околни општини од утре напладне ќе може да возат по нова, модерна и безбедна обиколница, без при тоа да мора да влегуваат во градот,“ изјави денес Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски која заедно со директорот на Ј.П за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на увид на оваа сообраќајна делница.

Со ова сообраќајот во градот се враќа во нормала, т.е тешките товарни возила и возилата на сите кои што патуваат по патот Штип-Струмица, не мора да влегуваат во Штип.

Што се однесува до градежните активности кај клучката кај населбата „Три Чешми“се работи интензивно со гласно утврдената динамика и се очекува да биде завршена наскоро, потенцира Бочварски.

„ Рокот за завршување на оваа делница е април 2022 година. Доколку послужи времето следниве 15-20 дена, оваа целосна делница до спојката на патот Миладиновци-Штип, целосно ќе биде завршена до крајот на оваа година,“ потенцира Бочварски.

„Експресниот пат А4 Штип–Радовиш со вкупна должина од 40,46 км е проектиран и се изведува квалитетно согласно со најновите и највисоките Европски стандарди за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. Се гради во две фази и  првата е завршена и пуштена во сообраќај во Јуни оваа година.  И втората е во  завршна фаза и како што реков очекуваме нејзино предвремено завршување. Она што е најважно со изведбата на овој пат, сообраќајот ќе се одвива побезбедно, ќе се скрати времето на патување, а ќе се намалат и трошоците на учесниците во сообраќајот, потенцира директорот на Ј.П за државни патишта, Ејуп Рустеми.