Додека граѓаните секојдневно плаќаат поскапи производи во маркетите и на пазарите, за 20, 30 или 50 отсто, како и поскапи горивата и плинот, Владата не верува дека има ценовни промени. Министерот за економија на денешната прес конференција на која го образложи буџетот на неговото министерство за 2022 година, на новинарско прашање за растот на цените одговори :
„Во моментот кога ќе предвидиме ценовни шокови, навреме ќе ја известиме јавноста. Сега немаме податоци дека тоа се случува. Велите дека потрошувачката кошничка е поскапа за 1.000 денари во споредба со лани, но имаше и зголемување на платите. Мора да се повикаме на Законот за трговија во делот на домашното производство и да видиме дали е потребно да се делува со одредени механизми или субвенции. Ако оцениме дека нема доволно домашно производство, ќе замрзнуваме цени во делот на маржите“, рече тој.
Во врска со состојбата во енергетиката и енергетската криза, Бектеши повтори дека, цената за домаќинствата и за малите фирми до крајот на годината останува 36,1 евро за мегават-час, а откако Владата ќе ги добие анализите на ЕСМ, ќе процени дали струјата ќе има повисока цена од наредната година, што ќе важи 6 месеци. Оние 65 милиони евра од буџетот како поддршка на енергетските компании, ќе бидат АД ЕСМ и за МЕПСО за обезбедување на јаглен и за увоз на струја.
„Повеќе од убеден сум дека енергетските компании ќе работат според новите планови и насоки и дека со зголемен ископ на јаглен ќе проработат повеќе блокови на РЕК Битолаи, за вкучување на ТЕЦ Неготино се преговара со стопанските комори за набавка на мазут, ТЕЦ Осломеј веќе има јаглен за производство на струја“, изјави Бектеши, повторувајќи дека, ако раководствата на компаниите не ги исполнат договорените работи, Владата ќе бара одговорност од нив, додаде тој.
Според буџетот за 2022 за Министерството за економија планирани се средства во износ од 1,24 милијарди денари. Од нив, 151 милион денари се за плати, за капитални расходи се 733 милиони денари, за субвенции за граѓани 80 милиони денари за сончеви колектори, пвц прозорци и печки на пелети. За финансиска поддршка на домашниот туризам и промоција, се 38,5 милини денари, а за приватни фирми субвенции од 20,8 милиони денари. Субвенции за инсталирање уреди на погон на гас или друг алтернативен извор се предвидени во износ од 11 милиони денари. За капитални инвестиции во гасификацијата, за изградба на гасоводна мрежа, се одредени 623 милиони денари, кои ќе се обезбедат преку емисија на хартии од вредост и приватни понуди. Со нив се предвидува реализација на проектите за гасификација на државата, пуштање на магистралниот гасовод Клечовце- Неготино, Неготино- Битола, Скопје-Тетово- Гостивар, како и интерконекторот со Грција.
Маја Томиќ