Охрид најотворена општина, Пласница најзатворена, покажа Индексот на отвореност на ЕЛС – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/21 4:08 PM

Охрид најотворена општина, Пласница најзатворена, покажа Индексот на отвореност на ЕЛС

Најотворени општини во државава се Охрид со индекс од 51 отсто, Василево со 48 отсто и Кочани со 48 проценти, додека најзатворена е Пласница со индекс од три отсто, покажуваат резултатите од Индексот на отвореност на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија за 2021 година (ЕЛС), презентирани денеска од Фондацијата Метаморфозис, во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Истражувањето за 2021 година покажа дека повеќето општини не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Резултатите во областите укажуваат на тоа дека единиците за локална самоуправа (ЕЛС) применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење. Просечната отвореност на општините за 2021 година изнесува ниски 25 отсто.

Иако декларативно сите ЕЛС се залагаат за поголема транспарентност, во суштина многу мал дел од нив ги објавуваат сите потребни информации поврзани во нивното работење. Поголемата транспарентност е исто така значајна алатка во борбата со дезинформации и лажни вести.
Горан Лазаревски, директор на овој Проект, истакна дека борбата против корупцијата е директно поврзана со барањата и капацитетите граѓанскиот сектор, кој не треба само да бара резултати од јавниот сектор, вклучувајќи го тука и локалното ниво на управување, туку и да го помага да се прилагоди. Според него, отвореноста на податоците од општините бара интензивна работа, ресурси, и материјални и човечки, подготовка и континуираност, што не е лесно да се обезбеди, бидејќи, додаде, сериозен дел од нашите општини имаат ограничени ресурси.
Истражувањето посочува дека пандемијата со ковид-19 уште повеќе ја потенцираше потребата за брзо и ефикасно работење на властите, а со тоа и на локалната самоуправа.
Истражувањето беше спроведено од 1 јуни до 15 јули 2021 година. Методите беа преку проверка на веб-страниците на општините според дефинирани индикатори и прашалник.

(МИА)