Пожарникарска опрема од “Операција Флоријан” повторно на пат кон Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/21 3:53 PM

Пожарникарска опрема од “Операција Флоријан” повторно на пат кон Македонија

Со три возила и повеќе сетови пожарникарска опрема, членови на Британската противпожарна асоцијација „Операција Флориjан“ повторно се на пат кон Македонија за да ја достават донацијата до три локации – Новаци, Свети Николе и Македонска Каменица. На Фејсбук профилот на организацијата веќе се известува дека екипажот од осум луѓе кој го започна патувањето в недела, треба за четири дена да измине околу две ипол илјади километри за да ја испорача опремата во Македонија оваа денес. Предвидено е донацијата да се распредели на двете територијални противпожарни единици во Свети Николе и Македонска Каменица, како и на доброволното противпожарно друштво во Новаци.

Пожарникарите доброволци од „Операција Флориjан“ повеќе од десет години придонесуваат во обуката на македонските пожарникари за гасење пожари, и учествуваат во опремувањето на противпожарни бригади во повеќе општини во Македонија.

Оваа асоцијација поддржана од Британската противпожарна и спасувачка служба работи во партнерство со општините меѓу другото и на обука на голем број пожарникари, а досега донирале целосно опремени противпожарни возила, опрема со апарати за дишење кои овозможуваат пожарникарите да работат во услови на чад и отрови, како и специјална противпожарна облека и опрема за интервенции во сообраќајки.

(Р.Ш.)