Османи-Вархеји: Одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/21 10:01 AM

Османи-Вархеји: Одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро

Европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи и очекувањата во периодот што претстои, во пресрет на декемвриските Совети, како можност за позитивен исчекор во следната фаза од евроинтегративниот процес на државава, беше во фокусот на средбата на шефот на дипломатијата Бујар Османи со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји во Брисел.

Како што соопшти МНР, соговорниците се осврнаа на наодите од овогодинешниот Извештај на Европската комисија, преку кои беше испратен силен и јасен сигнал дека кредибилноста на политиката на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски развој во цела Европа.

На средбата беа реафирмирани позитивните оценки на ЕК за земјата по однос на сите параметри, при што доаѓа и недвосмислениот повик кон земјите-членки, без натамошно одложување да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи што е можно поскоро.

Вархеји од своја страна информирал за напорите на Европската комисија за обнова на европскиот моментум во регионот, но и за имплементацијата на Економско инвестицискиот план што претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.

Османи во текот на денот ќе се сретне и со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ, со Илхан Ќучук, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент како и со советниците за надворешна политика на Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и на Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

 

МИА