Го презема Бранко СДСМ – тврди портал врз основа на претпоставка од ТВ интервју – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/21 1:30 PM

Го презема Бранко СДСМ – тврди портал врз основа на претпоставка од ТВ интервју

СЕ ВРАЌА СТАРИОТ ВОЛК! БРАНКО ЌЕ ЈА ПРЕЗЕМЕ СДСМ ПОВТОРНО навивачки наслов од текст на портал во кој се пренесуваат делови од интервју на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Владо Бучковски, кој зборува за интересот на одредени партиски групации да го преземат водството во партијата. Насловот со сигурност тврди дека долгогодишниот лидер на социјалдемократите, Бранко Црвенковски ќе го замени Зоран Заев, кој си даде оставка и од лидерската функција во партијата.

Меѓутоа, текстот кој следи по „бомбастичниот“ наслов испишан со големи букви и извичник, се кратки акценти од настапот на Бучковски за ТВ 21, што при тоа, не е пренесено веродостојно на тоа што е кажано. Во текстот коректно се изнесува кажаното од Бучковски:

„Неколку групации покажуваат амбиции за преземање на водството во СДСМ по заминувањето на Зоран Заев, а меѓу нив е и Бранко Црвенковски, истакна поранешниот лидер на партијата и поранешен премиер Владо Бучковски во синоќешното гостување во магазинот „Клик Плус“ на „ТВ21“ “, пишува порталот.

Меѓутоа, продолжението, кое е цитат до Бучковски, е неверодостојно пренесен, со вадење на поединечни реченици, кои, авторот сметал дека ќе го поткрепат насловот:

Бранко не ни крие дека има амбиции. Бранко му нанесе штета на Заев, на почетокот на кампањата. И јас се соочив со суетата на Црвенковски во 2006 година. Не случајно голем дел од членовите на СДСМ останаа дома – откри Бучковски“, пишува понатаму во текстот на порталот.

Но, штоточно  кажа Бучковски во неговиот ТВ настап? Зборувајќи за тоа кој би можел да ја преземе партијата, Бучковски рече:

Едната групација е на Бранко Црвенковски, не го ни  криеше тоа, тоа и го кажа. Беше многу симптоматично, почетокот на кампањата за Локалните избори се сповпадна со неговото неговиот настап после подолго време, од неговото неговото замрзнато членство. по интервјуто на Заев во ноември, значи повеќе од 11 месеци немаше ништо кажано за да настапи на тој начин во МАНУ, што беше очигледно сигнал и верувам дека Заев во некоја пригода, ако помине неговото повлекување и проговори во медиумите, веројатно ќе проговори за слични искуства со кои и јас се соочив на изборите во 2006 година суетата на Црвенковски, начинот на кој дел од членството на СДСМ знае да изреагира … Не сите спонтано останаа дома… Разочараните СДСМ-овци никогаш нема да гласаат за ВМРО ДПМНЕ, рече Бучковски.

Говорејќи за присуството на „групацијата на Црвенковски“ како што ја нарече Бучковски, го истакна примерот:

Јавна тајна е дека луѓе блиски на Црвенковски учествуваа во кампањата на Максим Димитриевски. Јас сум убеден дека тие ќе имаат свој кандидат на изборите за свој кандидат“, рече Бучковски.

Според тоа, текстот не ја поткрепува сигурноста на тврдењето во насловот. Во ноевинарската теорија, насловот на текстот треба да одговара на содржината на текстот, а не да навива како во случајот. Вака како што е поставен, ова е само уште еден клик бејт наслов, кој има за цел да го натера читателот да кликне и да го отвори текстот, но потоа да остане без најавената „сензација“ или ексклузивитет, како што ветува.

Во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите пишува:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.