(видео)Ако не се инвестира, РЕК Битола ќе стане загубар – став на Дединец – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/21 8:55 AM

(видео)Ако не се инвестира, РЕК Битола ќе стане загубар – став на Дединец

Во РЕК Битола треба да се инвестираат од 200 до 400 милиони евра, ако го ставиме под тепих како Осломеј ќе стане загубар, вели Александар Дединец од Македонската академија на науките и уметностите. Според него стратегиите на МАНУ постојано изминативе десетина години алармираат дека јагленот е исцрпен и дека се потребни нови наоѓалишта, надземен и подземен јагленокоп во Живојно за да продолжи РЕК Битола да работи до 2040 година. За нов рудник ни се потребни стотини милиони евра, пари што ги немаме, а и не можеме да ги обезбедиме од надвор, затоа што ЕУ не финансира проекти од фосилни горива, а патем и нов јагленокоп не се гради за еден месец туку со години. Потребна е гасификација но дали имаме гас, прашува Дединец.
– Од сите проекти кои изминативе години беа во оптек стратешки и исплатлив со можност за складирање на електричната енергија остана само ХЦ Чебрен. Ние сме премногу сиромашна земја, за автопат земаме кредит и за Чебрен мора да земеме кредит со камати што треба да се врати, затоа најисплатливо е партнерство со меѓународни компании. Енергетските проекти не се реализираат за една година. Во Осломеј се работи на проект за конверзија во чиста енергија. На старото наоѓалиште на термоелектраната се градат централи на сонце за транзиција од производство на јаглен во производство на обновливи извори со јавно приватно партнерство со турска и бугарска компанија во висина од 80 милиони евра инвестиција. Најбрзи за изградба се соларните централи, но и тука треба време за студии, за административно градежни процедури. Состојбите се многу комплексни и променливи. Еве на пример пред 10 години инвестицијата во соларна електрана беше скапа и неисплатлива работа. Тогаш производната цена беше 250 до 300 евра за мегават, а сега е 50 60 евра – вели Дединец.

Дединец за жал забележува премногу политика во енергетиката во Македонија, а проектите мора да се гледаат пошироко не само на една влада. Секој што нешто направил и започнал треба да се пофали и надгради, а не да се почнува се од почеток. Од МАНУ потенцирале со години дека не треба да се чека исцрпување на фосилните горива за да почнеме да го употребуваме тоа што најмногу го имаме, сонцето, обновливите извори на енергија. Британците го максимизирале производството од обновливи извори, го зачувале јагленот и сега го активираат во кризни и зорт ситуации. Така треба и ние да правиме.
Александар Дединец очекува покачување на цената на електричната енергија после нова година кога ќе се видат анализите со новите трошоци на ЕСМ, МЕПСО и ЕВН, но сепак предвидува од почетокот на пролетта стабилизирање и пад на цените, тренд кој веќе започнал на берзите.
– Но, треба да бидеме подготвени на постојана ценовна флуктуација. На патот кон ЕУ во првото Поглавје 27 следува воведување данок на ЦО2 што ќе ја зголеми производствената ценa на РЕК Битола. Домаќинствата се повеќе заштитени за разлика од компаниите и бизнисот кои се на удар на слободниот пазар. Во секој случај ни треба рационално користење на енергијата, замена на сите обични сијалици со лед штедливи светилки,, енергетски ефикасни градби, поголема свест кај граѓаните и вложување во обновливи извори, гасификација и други капацитети кои заедно со водата ќе ни обезбедат помирна иднина и помал ризик од вакви ценовни шокови и дисторзии на производството на електрична енергија – рече Дединец во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.