Невестите пак ќе се капат во амам, Саат кулата пак ќе покажува точно време – Дојран си ги враќа културните споменици од средниот век – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/21 10:00 AM

Невестите пак ќе се капат во амам, Саат кулата пак ќе покажува точно време – Дојран си ги враќа културните споменици од средниот век

Интерес и љубопитство, позитивни реакции и зголемени посети на Стар Дојран предизвика реставрираната Саат кула од турско време, која некогаш била едно од поглавните обележја на градот. Со височина од неколку метри, и уредена површина со клупи за посетителите да можат да гледаат дел од панорамата на градот со езерото, кулата стана едно од најпосетуваните места, најобјавувано и коментирано, со што само покажа дека на Дојран му недостигаат содржини, посебно надвор од летната сезона.

Постарите жители ја паметат кулата по раскажувањата од нивните предци, а најмногу по народното предание за настанот со турскиот полковник Евренос беј, кога тој предводејќи ја својата војска влегол во Дојран и заедно со аскерот минале пеш низ замрзнатото езеро. Жителите кои тогаш го носеле името Полинци, според старото име на Дојран, Полин, утрината зачудено ја пречекале турската војска и кога сфатиле како војниците влегле во градот, им објасниле дека имале голема среќа, бидејќи лесно можеле да пропаднат и да се удават во езерските води. Се раскажува дека од благодарност кон Алах, Евренос беј наредил да се подигне саат – кулата како потсетник за овој настан.

 

Општинските власти веќе поодамна најавуваа реконструкција на објектот кој некогаш бил белег на градот, а комплетната изградба заврши дури оваа есен. Првиот човек на Дојран, Анго Ангов, за ММС објасни дека обновата на кулата разрушена во Првата светска војна е дел од проект од ИПА програмата за прекугранична соработка со Бугарија.

– Со помош на средствата од ИПА програмата ние имаме реконструкција и реставрација на Саат кулата, турската бања и на пристапните патеки до нив со осветлување. Турската бања е само конзервирана, со тоа што и бањата и кулата се оспособени за посети – вели градоначалникот Ангов.

Со оглед на тоа што Дојранци веќе прашуваат зошто во реизградбата на кулата не се вклучени одредени моменти од минатото, како на пример, тоа што часовникот на некогашната Саат кула бил доволно голем да се гледа и од подалечните точки во општината или пак дека отчукувал за да ги одбележува саатите, градоначалникот одговара дека се е работено под надзор на конзерватор.

– Надлежна за целата реконструкција беше установата “Завод за заштита на споменици на културата и Музеј – Струмица”. Тие објекти како дел од културно заштитените објекти за реконструираат врз база на проекти одобрени од конзерваторите од оваа институција, така што ние само ги следиме нивните препораки. Многу тешко се пронајдоа адекватни саати и се надевам дека наликуваат на оригиналните, така што сигурно е доловена онака како што би можела најмногу да наликува на Саат кулата од тој период – вели Ангов.

Тој најавува дека се планира од наредната година да се ангажираат туристички водичи во Музејот на Дојран, којшто е изграден пред неколку години, но не е отворен постојано, за да може и тој да биде ставен во редовна функција.

Музејот во Дојран

– Сега имаме дополнителни содржини во општината, а тоа ни беше целта, бидејќи ни недостигаат тие културно – историски знаменитости за да ги понудиме на посетителите и со тоа да ја прошириме понудата и да ја продолжиме сезоната и во зима. Што се однесува до саатот поставен на кулата, тој ќе го покажува точното време. Во моментот имаше проблем со струјата и затоа се појавија одредени пропусти, но тие ќе се надминат. Бидејќи во него е вклучен и GPS, часовникот и да застане, потоа повторно продолжува да работи. Првично не е направен за да отчукува како некогаш, меѓутоа секогаш може да се надогради. Идејата ни беше да го возобновиме и гледам дека веќе стана атракција, секоја недела има доста посетеност, луѓето одат да ја видат Саат кулата и тоа е голем плус за нас како туристичка дестинација – смета Ангов.

 Дојран повторно го добива и градскиот амам

Паралелно со саатот се работи и на некогашната Турска бања, која како што вели првиот човек на општината, е конзервирана, односно заштитена, но и спремна за посети. Следен чекор е реконструкција со проектот што се работи со Завод и  Музеј Струмица.

– Сметаме дека таму можеме да доведеме дополнителни содржини, како што е навистина да функционира како турска бања, како што била на времето, за да може посетителите да одат на турска бања – вели градоначалникот на Дојран.

Проектот за реконструкција на двата објекти и пристапните патеки чини 250 000 евра, средства од ИПА прекугранична соработка.

Што вели историјата за Саат кулата и турската бања

Во книгата “Дојран низ вековите“, на авторот Костадин Кајдамов, опишано е дека кулата со часовникот била изградена на височинка над центарот на градот и имала импозантен изглед: објектот имал квадратна форма со основа 4×4 и височина од 3 метри. Во горниот дел (на катот), била висока околу 6 метри, а врз неа бил надограден уште еден дел на кој бил сместен големиот градски часовник, со вграден механизам за означување на времето по “ала – турка“, така што целосно кулата била висока до 15 метри. Отчукувањето на часовникот се слушало во сите делови на градот, дури и во околните села, и им служел на сите граѓани – на рибарите навреме да појдат во своите риболовишта, трговците и занаетчиите навреме да ги отворат дуќаните, кои како што се вели во книгата, кон крајот на 19 век ги имало над триста, а служел и за повик на молитва на турското население. Саат кулата имала маркантен изглед и можела да се види од секаде. Кулата го имала овој изглед се до случувањата во Првата светска војна кога е полуурната со бомбардирањата на градот.

Од податоците што може да се сретнат за градската бања или по турски “амам”, не се знае точно кога е изградена, но се раскажува дека работела секој ден, се до 1916 година кога е разрушена. Се состоела од повеќе простории од кои едни биле за жени, а други за мажи.

Водата до бањата била носена преку ќерамидни цевки, на два километри западно од Дојран. Водата се загревала со дрва во казан во посебна просторија, а од таму течела во чешмите од кои се миеле жителите. Во бањата оделе граѓани од сите националности, а за идните невести имало посебна церемонија односно за нив се организирало посебно моминско бањање.

Роза Шулева