Не ме гушкај, ќе ме заразиш со Ковид – Пандемијата наметна егоистична матрица во која секогаш ќе го бираме здравјето – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/21 2:00 PM

Не ме гушкај, ќе ме заразиш со Ковид – Пандемијата наметна егоистична матрица во која секогаш ќе го бираме здравјето

Пандемијата со Ковид-19 остави траен белег врз однесувањето на луѓето, ги смени социјалнитенавики и го промени во целост бонтонот како меѓучовечка социјална интеракција.

За време на пандемијата луѓето сфатија дека ракувањето е опасно, но и дека не било нужно како досега. Многу култури постојат без ракување, а штетноста на оваа навика ја забележале големите Никола Тесла и Луј Пастер.

Тесла не сакал да се ракува со никого затоа што се плашел од зараза и сметал дека е доволно само мал наклон со очите. А, заразата со Ковид го оформи и новиот бонтон во кој секогаш луѓето ќе го бираат здравјето пред однесувањето.

Професорот по социологија, д-р Илија Ацевски за ММС објасни дека пандемијата ќе остави траен белег во нашата културна матрица во која беше вообичаено да си искажуваме едни на други, блискост.

– Она што беше вообичаено, да бидеме толку блиски, да се гушнеме, да се ракуваме постојано, тој наш код и начин на однесување ќе бидат избришани. Луѓето сметаат дека се загрозени како индивидуи и мислат дека здравјето е најважно. Но, сега имаме една егоистична матрица на однесување, секој за себе, а никој за другите. Помеѓу бонтонот и здравјето, секогаш ќе го бираме здравјето – истакна Ацески.

Поради пандемијата се загубени и други ритуали кои означуваа подобро однесување како што беше давање на предност некој прв да влезе при отварање на врата, поместување на столот за подобро да се седи, тапкање по рамо или други невербални знаци кои покажуваат блискост меѓу луѓето.

Се тоа мораше да се прилагоди и целиот деловен свет и образованието да се преселат на интернет.

– Да потенцираме дека се променивме во поширок контекст, културолошки, општествено и социолошки. Ние сега сме дигитални луѓе, односно сабјер луѓе и имаме сајбер карактери. Во онлајн просторот човекот мисли дека има неограничена слобода и може да пишува што сака. Комуникацијата на луѓето е сведена само на еден телефонски уред и не сфаќаат колку се осамени. На луѓето им е полесно да комуницираат онлајн отколку во реалниот свет – вели д-р Илија Ацески.

Бонтонот секогаш ќе биде дел од општествената комуникација, но секогаш ќе се менува во склад
со модерните времиња.

– Во овој свет ние реално постоиме, но комуницираме само виртуелно. Овој систем не прави послободни, но е површен. Во еден ден на екран ми излегуваат околу 250 информации, а јас искористив само неколку од нив. Знаете ли дека во 15 век на еден човек му требал цел живот да ги прими информациите кои денес ние ги примаме за еден ден. Но, тоа е процес кој не можеме да го запреме и само треба да се прилагодиме на него – додаде социологот и професор Илија Ацески.

Процесот на дигитализација е почнат и во образовниот систем, но јавноста негодува на предлог законот на министерката за образование Мила Царовска, да се дигитализираат учебниците. Професорот смета дека дигиталниот учебник учествува со само 5% во процесот на дигитализација во образованието и дека кога тогаш мора да се направат реформи.

– Дали знаете дека децата минуваат четири часа дневно на телефон? Е, сега, ако барем два часа од тоа време им приспособиме за онлајн учење, тие ќе бидат многу продуктивни. Значи ние мора да работиме со децата, но за тоа треба дигиталниот дел од образованието да биде креативниот дел. Така децата ќе можат побргу да се стекнат со практични знаења – истакна Ацески.

Орце Костов