Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека се преземаат соодветни чекори за ублажување на последиците од енергетската криза. Од Буџетот за 2021 година веќе се префрлени четири милијарди денари на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за обезбедување дополнителни количества електрична енергија, вклучително и балансна енергија.
– Во насока на ублажување на последиците од оваа енергетска криза која е со пошироки размери и не ја опфаќа само РС. Македонија се преземаат соодветни чекори. Веќе е прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и се преземаат мерки и активности насочени кон обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност согласно утврдената кризна состојба, истакна Бесими во интервјуто за МИА.
Дополнително, за заштита на најранливите категории, Министерството за труд и социјална политика во координација со Министерството за економија се задолжени да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.
– Ваква мерка веќе се спроведува и имаме 45.622 корисници од ранливи категории кои добиваат 1000 денари додаток за покривање на трошоци за греење. Мерка која, исто така, ја донесовме и веќе се спроведува, а беше во насока токму на заштита на стандардот на граѓаните, е намалувањето на ДДВ кај електричната енергија од 18 на 5 проценти за домаќинствата, наведува Бесими.
Нагласува дека состојбата се следи и оти очекувањата се дека ситуацијата на глобално ниво ќе се стабилизира најдоцна до средината на наредната година.
МИА