Не смеам да имам чувства, бидејќи сѐ сметаат како ПМС: Жените треба да работат над една година за да ги покријат трошоците за менструална хигиена – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/21 4:57 PM

Не смеам да имам чувства, бидејќи сѐ сметаат како ПМС: Жените треба да работат над една година за да ги покријат трошоците за менструална хигиена

Понекогаш се чувствувам како да не смеам да имам чувства, бидејќи сѐ сметаат како ПМС; Професор ме нарече лажга бидејќи на час не можев да ги издржам болките; Нема јавно достапни влошки во училиштата, а ако заборавите треба да си заминете – ова се дел од сведоштвата на средношколките кои учествувале во истражувањето на невладиниот сектор во врска со менструалната правда. Вкупно 307 средношколки ја пополниле анкетата на Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.” и „Реактор – истражување во акција” од каде денеска објаснија каква е ситуацијата со менструалната хигиена и сиромаштија во земјава, но и како да се унапредат политиките на оваа тема.

Секоја петта средношколка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи производи за менструална хигиена, а повеќе од половина од испитаничките одговориле дека во нивното училиште никогаш не било разговарано на оваа тема.

„Ова беше едно од попредизвикувачките истражувања бидејќи сакавме да имаме истражување со средношколки. Училиштата беа одбрани по случаен избор според регистерот од МОН. На родителите им објаснувавме зошто нивните средношколки треба да учествуваат во ова истражување, за да се опипаат општествените табуа и стереотипи за менструална хигиена. Едно од прашањата за ученичките е со кого разговарате за менструација и 90 проценти одговориле дека разговараат со мајката. Ова се уште е приватно прашање за кое се прашува со кодови“, изјави денеска Васка Лешоска од Реактор.

Таа потенцираше дека паралелно е направено и истражување во кое учествувале 2696 жени на просечна возраст од 28 години, врз основа на што се пресметани трошоците за менструално здравје.

„Седумдесет и седум отсто од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструација. За една година жените трошат 3186 денари, а ако репродуктивниот период на жената трае од 12 до 52 години, трошокот е 127.459 денари“, посочи Лешоска.

Истражувањето покажува дека жена со минимална плата, за да ги исплати трошоците поврзани со менструацијата и здравјето треба да работи повеќе од една година, односно точно 1 година и 1,7 месеци.

За илустрација, годишните трошоци за обезбедување на менструални производи претставуваат 0,08294% од вкупните расходи планирани за Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година.

Граѓанските активистки истакнаа дека и неинформираноста на родителите влијаела врз добивањето на одговорите од средношколките, бидејќи тие ја пополнувале анкетата со нивна согласност.

„Имавме огласност од родителите, но се случуваше и самите родители да не дозволат да биде пополнета оваа анкета. Нивната неинформираност влијаеше врз тоа дали ќе добиеме одговори. Понекогаш моравме да го дообјасниме истражувањето и на професорите“, посочи Теодора Милеска од Period movement.

Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост пак, вели дека ова е проблем за кој допрва треба да се дискутира и од еколошки аспект. Според неа, проблемот е интерсекторски и кон решавањето треба да се вклучат Министерствата за здравство, за образование и наука, за финансии, како и  за труд и социјална политика.

„Верувам дека овој проблем мора широко и на институционално ниво да се застапува.  Дефинитивно за во иднина може да се активираме и да почнеме и таму да дејствуваме или да бараме соработници. Можеби некој кој не е доволно запознаен со проблематиката ќе каже дека ова е маргинално прашање или нема да помисли дека некој нема доволно средства ниту за влошки, но ако ги погледнеме одговорите од анкетата од луѓе кои имаат пристап до компјутер, може да замислиме што се случува кај некои други луѓе и со што тие се соочуваат. Ова е проблем за кој треба да се зборува и кој треба да се застапува“, додаде Коцевска.

Граѓанските активистки бараат да се данокот на додадена вредност на производите за менструација да се намали од 18 на 5% со цел да се намали нивната продажна цена.  Тие препорачуваат во јавните тоалети и во средните училишта да има бесплатни влошки за сите девојки и жени, но и да се употребат добрите практики од другите земји, кои би можеле да послужат како поволни решенија.

Како една таква добра практика, тие посочија на законските измени во Шкотска со кои во сите институции и во центрите за јавно здравје треба да има средства за менструална хигиена.

Истражувањето чии резултати беа презентирани денеска е направено во рамки на проектот „Крај за менструална сиромаштија – Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во Република Северна Македонија”, кој го спроведуваат Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.” во партнерство со „Реактор – истражување во акција”, со поддршка од Цивика мобилитас во рамки на програмата за акциски грантови и од ФРИДА – фондот за млади феминистки.

 

(В.Ми)