За 100 денари бодрете ја Македонија на мечот со Исланд – ФФМ ги отвори вратите на Арената „Тодор Проески“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/21 3:07 PM

За 100 денари бодрете ја Македонија на мечот со Исланд – ФФМ ги отвори вратите на Арената „Тодор Проески“

Македонските фудбалери ќе имаат голема поддршка в недела против Исланд, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) одлучи навивачите завршниот натпревар од мундијалските квалификации да можат да го следат и од Источната и Западната трибина на Националната арена „Тодор Проески”.

Билетите за Источната и Западната трибина можат да се купат од денеска преку продажната мрежа MkTickets по цена од 100 денари.

Претходно ФФМ одлучи за неделниот натпревар против Исланд да бидат отворени само Јужната и Северната трибина, а влезниците се продаваат по цена од 150 и 300 денари.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски со триумф против Исланд првпат во историјата ќе обезбедат бараж за пласман на Мундијалот што идната година ќе се одржи во Катар, откако вчера со 5-0 триумфираа над Ерменија во Ереван, а Романија одигра без голови во Букурешт против неделниот противник на „црвено – жолтите”.

Откако се пласираа на Европското првенство и таму оставија добар впечаток, нашите фудбалери сега ќе имаат шанса да одат и на Светското првенство.

Пред последното коло Македонија има 15 бода, бод повеќе од третопласираната Романија.

фото: ФФМ