Урбано доуредување и осветлување на пешачката патека покрај реката Брегалница, водоводна и канализациона мрежа во населба Суитлак, расчистување и комунално уредување на руинирани објекти во населба Ново Село, интегриран пристап до неопходните услуги за жени и девојки изложени на насилство и доуредување и олеснет пристап до спортско – рекреативни содржини за жени и девојки. Ова се петте иницијативи кои произлегоа од проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово инклузивна и одговорна општина“, на штипската организација ЕХО.
Овие иницијативи се производ на онлајн и анкетно теренско истражување спроведено од организацијата, во кое штипјанки ги идентификуваат проблемите со кои се соочуваат. Онлајн истражувањето е спроведено врз 211 жени и мажи кои идентификуваат проблеми на жени и теренско истражување врз 204 жени од општината.
– Како резултат на тоа произлегоа потреби и приоритети кои ние ги верификувавме преку четири фокус групи со жени. Ги сублимиравме и направивме три работилници за подготовна на родово буцетски иницијативи, најпрво за идентификување на потребите а потоа со менторска поддршка за изработка на родово буџетски иницијативи. Ваквите преку лоби група ги доставивме до општината, а сега треба да лобираме за општинските власти да можат да ги реализираат и да покажат дека работат во користи и на мажите и на жените, истакна претседателката на ЕХО Бети Пеева.
Таа вели дека последните десетина години жените во Штип не биле активни и не воделе сметка за своите потреби, па овој проект се јавил како потреба да се разбуди женскиот активизам и тие да почнат да размислуваат за сопствените потреби и она што им претставува проблем во нивното општество.
Пеева очекува иницијативите да се реализираат и вели ќе вршат притисок за реализација барем на дел од нив.