ММС, 23.08.2018
Археолозите што истражуваат на трасата на експресниот пат во изградба Штип – Радовиш велат дека коњот пронајден во објект бил жртвуван – нозете му биле врзани кај потколениците, муцката обезбедена, за да не каса, а покрај него му била пронајдена и уздата
Пишува: Љупчо Шатевски
Објекти за живеење, два гроба, сива садова пајонска керамика и полуксузни керамички предмети, како и еден раритетен скелет од коњ пронајдоа археолозите во тримесечните ископувања на три археолошки локалитети што се наоѓаат на трасата или покрај трасата на експресниот пат во изградба Штип – Радовиш. Временската рамка на откриените објекти и предмети е од крајот на неолитот, преку железното време, раниот хеленизам, па се’ до средниот век, а најбогатите наоди се од 3 и 4 век пред новата ера.
Најголем дел од артефактите се од 3 и 4 век пред новата ера
Во археолошките истражувања, како што вели директорот на штипскиот Завод и музеј, Митко Штерјов, се вклучени дваесетина археолози и други стручњаци од повеќе градови, како и стотина работници. Работите треба да завршат до 1 септември, кога ќе може да почне изгардбата и на таа делница од експресниот пат.
Од трите истражувани археолошки локалитети – Ново Село, Памуклуко кај селото Дамјан и Пилав Тепе, најинтересни пронајдоци се ископани на Пилав Тепе, каде што се пронајдени и три објекти со по деведесетина квадратни метри и со по две соби за живеење. И тие се лоцираат во 3 или 4 век пред новата ера. Во еден од тие објекти бил откриен и скелетот од коњ.
– Коњот бил жртвуван, жртвеник. Нозете му се врзани, обезбедена му е муцката за да не каса, а покрај него му беше пронајдена и уздата. Скелети од жртвуван коњ се наоѓани и досега, но само во могили заедно со нивите сопственици. Тука имаме за првпат ваков посебен случај на овие простори. Помал куриозитет е и што во еден од објектите пронајдовме и два гроба со погребување од доцноримскиот период, иако досега овде немаме регистрирано населба од тој период – истакнува раководителот на проектот, археологот Ване П. Секулов.
Се претпоставува дека во овој крај може да се крие и градот Астраион
На локалотетот Памуклуко биле пронајдени и простории за топење бакарна и железна руда. Целиот овој досега малку истражен терен на териториите на општините Штип, Радовиш и Конче, според досегашните наоди изобилува со стари рударски населби, а археолозите сметаат дека можеби во близина на Пилав Тепе се наоѓа и многу значајниот град Астраион, кој временски се лоцира од 4 до 2 век пр.н.е.
Рударска населба од периодот на преодот од бронзеното во железно време беше потврдена и со неодамнешните истражувања пред да почне изградбата на транспиртната лента по која ќе се носи рудата од новото рудно тело Боров Дол до рудникот за бакар и злато „Бучим“, а интересни откритија имаше и во 2011 година, кога на археолошкиот локалитет Плоча беше потврдено постоењето на средновековна утврдена населба во периодот од 12 до 14 век, која зафаќа површина помеѓу два и три хектари.
Пред десетина години, при првото истражување на територијата на општината Конче, беше откриена ретка стара ритуална кочија и светилиште од бронзеното време, а веднаш потоа во близина на селото Конче беа откопани и женски чевли стари 18 века, како и други вредни артефакти.