Документот за ковид-19, односно сертификат за вакцинација или потврда за прележана болест или негативен ПЦР/рапид тест, заедно со пополнет PLF формулар и понатаму се неопходни за патување во Грција, а невакцинираните и оние кои не прележале, задолжително ќе бидат тестирани при влезот во земјата, согласно новата министерска одлука на грчката Влада, според која актуелните мерки се продолжени за уште две седмици, а важат и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, речиси истите документи, со исклучок на PLF формуларот, задолжителни се и за влез во затворените објекти во Грција, со исклучок на супермаркетите, продавниците за храна, бензинските пумпи, аптеките и црквите, со оглед на тоа дека мерките воведени минатата сабота во Грција, важат и за туристите.
Новата министерската одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на ковид-19″, што веќе е објавена во Службен весник на Грција и стапи утрово во сика, важи до 26 ноември 2021 година во шест часот наутро.
Нема промени ни во однос на граничните премини, како и досега, за влез од Северна Македонија, отворени се сите и работата 24 часа.
Сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата” исто како и во изминатите шест месеци имаат четири опции, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите правила за патување кај јужниот сосед.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
За оние кои патуваат со негативен тест „независно од државјанството и начинот на влез во земјата, а во Грција пристигнуваат од: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција”, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во Грција.
Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.
Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен резултат и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Тестирањата, за вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19 се по случаен избор, а за останатите, за оние кои патуваат со негативен тест, тестирањето е задолжително.
Во случај на позитивен резултат, предвиден е десетдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи, а доколку се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.
На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР тест.
Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат N95 маска.
Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите шест месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице, без да се тестираат или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР тест.
Доколку блиските контакти се вакцинирани или прележале Ковид-19 во последните шест месеци, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР тест при влезот во земјата.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи дневно, дозволен е влез на 1.500 лица.
Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.
Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.
МИА