Во Берово се крои стратегија за управување со шуми – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/18 11:59 AM

Во Берово се крои стратегија за управување со шуми

Работната група на претставниците од програмата за зачувување на природата во Македонија, во Берово го оддржа вториот состанок за „Регионалното планирање со шумите“.

Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски истакна дека работилницата е основа за креирање на заедничка стратегија за регионално управување со шумите.

– На работилницата беа споделени искуствата од двете посети во Швајцарија и Словенија на членовите на работната група-научени лекции, како надградба на едукативната посета на Малешевските планини за мултифункционалноста на шумите, објасни Пекевски.

Тој наведе дека во текот на дискусијата имале можност да ги дефинираат конкретните работи за кои може да се аплицира, а се однесуваат на идното регионално планирање со шумите.

–  Исто така си дадовме за обврска да се истакнат заклучоци за идната работа на работната група и известување за досега спроведените активности во рамки на овој процес и да се изврши ажурирање на работниот план и потврдување на одговорностите за периодот до крајот на 2018 и почетокот на 2019 година, рече Пекевски.

Тој на состанокот, меѓу другото, ја истакна и подготвеноста на општина Берово да ги преземе сите активности и иницијативи што произлегуваат од работните состаноци и да ги примени во пракса, како и сите искуства и планови на работната група со цел ефикасно и ефективно спроведување на планот за управување со шумите.

Низ пленарна дискусија беше презентиран работен план за управување со шумите како основа за одржливо управување со шумите во горниот дел на реката Брегалница.