Огромен интерес за претстојната Четврта конференција за е-трговија во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/21 10:54 AM

Огромен интерес за претстојната Четврта конференција за е-трговија во Македонија

СКОПЈЕ, 11.11.2021: Петок, 12 ноември е датумот резервиран за четвртото издание на најголемиот настан за е-трговија во Македонија – Конференцијата за е-трговија, која оваа година, под мотото „Ready, Set, Grow“ се организира во хибриден формат. Потврдени се речиси 500 учесници кои годинава ќе присуствуваат на конференцијата во хотелот „DoubleTree by Hilton“ во Скопје или ќе ја следат конференцијата преку интернет, а свое излагање ќе имаат 28 еминентни говорници од земјата и странство.

И оваа година, Конференцијата за е-трговија ќе биде место каде што сите присутни ќе можат да ги прошират своите знаења во областа на е-трговијата, како и да се запознаат со домашните и странски чинители во екосистемот на е-трговијата.

Конференцијата ќе изобилува со богата програма која се состои од тринаесет презентации, еден неформален разговор и три панел сесии, преку кои врвни експерти од областа на е-трговијата ќе го пренесат своето искуство и знаење на различни теми поврзани со дигитализацијата, е-трговијата и дигиталниот маркетинг. Конференцијата ќе биде збогатена и со забавни делови каде што ќе се доделуваат вредни награди за учесниците.

– „Овогодинешната конференција за е-трговија ќе претставува уникатна можност да се добијат релевантни информации за растот и развојот на македонската е-трговијата во споредба со регионот и Европа, да се слушнат совети за раст и развој на бизнисот од прва рака, преку искуството од реномираните меѓународни и домашни експерти за дигитализација и електронска трговија, како и да се слушнат можностите за безбедни и иновативни плаќања, улогата на жените во напредокот на компаниите и значајни маркетинг лекции од домашни и интернационални е-трговци. Во изминатите години е-трговијата постојно расте, но пандемијата го стави овој раст на брза трака и е-трговијата одигра исклучителна улога за време на рестриктивните мерки. Така и интересот за конференцијата за е-трговија од година во година расте, но оваа година забележавме значаен раст што се гледа во речиси 500 регистрирани учесници или најголемиот број до сега кои ќе ја следат конференцијата преку физичко или виртуелно. Учесниците може да очекуваат настан исполнет со висококвалитетна програма, еминентни говорници, како и вредни награди.” вели Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска.

Дека македонските компании се заинтересирани за унапредување на познавањата  од областа на е-трговијата, говори фактот дека сите влезници за овогодишното издание на конференцијата беа целосно распродадени неколку дена пред почетокот на конференцијата.