Премиерот Зоран Заев беше домаќин на премиерот на Холандија Марк Руте во првата официјална посета на Северна Македонија.
На средбата премиерот Заев го изрази своето и задоволството на Владата од интензивираниот политички дијалог на високо ниво во последните неколку години.
-Холандија е важен партнер на Северна Македонија во НАТО. Постигнавме силни билатерални врски и развивме соработка во последните 28 години. Дополнително, Холандија стана наш најпосветен поддржувач на нашите напори за интеграција во ЕУ, исто така.
Премиерот Заев нагласи дека Владата на Северна Македонија силно ги цени охрабрувачките пораки на холандската поддршка за процесот на интеграција во ЕУ. Беа поздравени и постигнувањата во областа на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото со акцент на потребата од континуирано и посветено спроведување на стандардите и реформските цели на ЕУ.
На средбата претседателот на Владата Заев изрази благодарност за доследната холандска поддршка во градењето на Северна Македонија како европска демократија, слободно општество и слободна пазарна економија, нагласувајќи дека Холандија е најголемиот билатерален донатор, а Северна Македонија е под холандската конституенца во Светска банка.
Премиерот Заев го информираше премиерот Руте и за најновата иницијатива „Отворен Балкан“ меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, која има за цел да го демонстрира заедничкиот капацитет на регионот и да донесе конкретни придобивки за нашите граѓани и бизниси што е комплементарно со пристапниот процес преку кој ќе овозможи подобро да се подготвиме за целосна интеграција во политиките на ЕУ.
Премиерот Руте од своја страна ја изрази поддршката за процесот „Отворен Балкан“ и додаде дека иницијативата треба да остане отворена и за другите држави во регионот.
На средбата беше констатирано дека во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на ЕУ кон Западен Балкан и беше истакнато дека процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок во досието на Северна Македонија и Албанија во октомврискиот извештај на Европската Комисија, заедно со уште еднаш повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со ЕУ.