Министерството за надворешни работи соопшти дека воспоставувањето на базната станица за издавање патни исправи во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин почна да ги дава првите резултати. За помалку од еден месец, според амбасадорот Рамадан Назифи, над 200 лица се сликале, а околу 70 наши државјани веќе имаат нова патна исправа.
„Амбасадорот нагласува дека со базната станица се надмина еден од најголемите и најгорливи проблеми со кои дијаспората и амбасадата се соочуваа. За ефикасниот и олеснет процес на добивање патни исправи во амбасадите со помош на новиот систем, сведочат и нашите државјани кои веќе ги имаат почувствувано овие бенефиции“, соопшти МНР.
Покрај многу позитивни коментари кои пристигнуваат од дипломатската мрежа, но и од дијаспората, се нагласуваат придобивките од подигнувањето на новата патна исправа во амбасадата во Берлин, без потреба од дополнителни трошоци и патување во матичната земја. Коментирајќи го забрзувањето на постапката, наш државјанин истакнал дека ова е олеснување за сите, бидејќи во документацијата било наведено дека неговиот нов пасош ќе го добие за три до четири недели.
МНР посочува дека во континуитет вложува напори за подобрување на услугите за наши државјани кои живеат во странство и дека во таа насока првпат во нашите амбасади и конзулати беа воспоставени девет базни и четири мобилни станици.
„Заложба на министерот за надворешни работи Бујар Османи е да го унапредува овој проект и во наредниот период, со зголемување на опфатот на амбасади кои ќе ги даваат овие услуги за нашите државјани, наведува МНР во соопштението.
(МИА)