„Треба да има одговорност, некој потфрлил“, рече Бектеши и ветува дека нема рестрикции за домаќинствата иако е прогласена криза од 30 дена – ММС
ММС

Објавено на: 11/9/21 3:23 PM

„Треба да има одговорност, некој потфрлил“, рече Бектеши и ветува дека нема рестрикции за домаќинствата иако е прогласена криза од 30 дена

Владата на денешната седница, на барање на Комисијaта за енерегетски сектор при Министерството за економија, донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетиката во траење од 30 дена. Тоа нема да значи рестрикции за домаќинствата и за малите компании, ниту пораст на сегашната цена, туку ќе биде финансиска инјекција за енергетските компании за да го стабилизираат домашното производство и снабденоста со струја. За таа цел од буџетот ќе се издвојат 4 милијарди денари, информираше на прес конференција министерот за економија, Крешник Бектеши. Буџетските средства ќе бидат за работење на АД ЕСМ и МЕПСО и за интервентен увоз на струја.
Одлуката за прогласување на кризна состојба е согласно Уредбата донесена на 30 октомври за утврдување на критериумите и условите за мерки во случај на кризна состојба, поради временски и природи хаварии и начин на снабдување со струја, како и утврдување на правата и на обврските на енергетските компании, појасни тој.
„Се прогласува кризна состојба со цел да се подобри работењето и ликвидноста на енергетските компании, а не за носење на рестриктивни мерки за секојдневниот живот на граѓаните и за малите потрошувачи. Засега има константно снабдување со струја за сите, а рестриктивни мерки ниту се разгледуваат, ниту се предвидуваат. За домаќинствата останува регулираната цена на струја од 36,1 евра по мегават-час“, изјави Бектеши, потенцирајќи дека, до 21 ноември сме обезбедени со струја од увоз и до 1 јануари 2023 нема да има рестрикции ни покачување на цената.
Додаде дека, според извештајот на МЕПСО за проценката за стабилност на македонскиот енергетски систем во последниот квартал од годинава, има ризик од настанување кризна состојба и недостиг на електрична енергија на домашниот пазар, поради недоволно домашно производство и високи цени на увозната струја. Оваа одлука има единствена цел, финансиска поддршка на енергетските компании за да се стабилизира состојбата“, рече Бектеши. Тој додаде дека, на дневна основа се следат состојбите на пазарот кај нас и во светот како и дека заедно со Владата во тоа се вклучени раководствата на сите енергетски компании и институции, со цел да се обезбеди најевтина цена на струјата во земјата и стабилност.
„Мое лично мислење е дека треба да има одговорност кај раководствата на енергетските компании. Некој потфрлил во делот на домашното производство. Но, сега прво да ја решиме кризата, а после ќе донесеме мерки за конкретна одговорност“, рече Бектеши и појасни дека за три дена ќе биде пуштен во работа и 2 Блок на РЕК Битола, а ТЕЦ Осломеј ќе проработи на 1 декември. Владата го задолжила УО на АД ЕСМ да спреми извештај на кадровското работење во нив и за РЕК Битола за да се види дали е работено според годишните планови и како се троши јагленот.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот кажа дека засега не се размислува за разрешување на директорот на АС ЕСМ, Васко Ковачевски.

(М.Т.)