Во очекување на увозот на 900.000 тони јаглен од странство јавноста е загрижена како на дневно ниво ќе се постигнува да се донесат количините до РЕК Битола. Државата го продолжи рокот за јавната набавка на јаглен за РЕК Битола и се очекува до крајот на оваа недела да се одбере економскиот оператор/и од кој ќе се прави набавката. Неодамна директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека јагленот ќе се увезува со камиони затоа што железничката инфраструктура не била подготвена да се врши ваков транспорт, но не кажа колку би се оптеретиле патиштата со секојдневно поминување на најмалку 250 камиони во следните шест месеци.
РЕК Битола за само еден троши 5.000 тона јаглен и за оваа количина потребни се 250 камиони со носивост од по 20 тона. Оваа количина заедно со тежината на секој камион изнесува околу 8.000 тона што ќе биде огромно оптеретување на македонските патишта кои немаат ваков капацитет, посебно делницата на Плетвар и локалните патишта од Битола до Новаци, односно РЕК Битола.
ММС побара стручен одговор од Агенцијата за државни патишта која според законот е должна да ги одржува делниците низ земјава, дали ќе се оштетат патните правци низ кои ќе минуваат 30-тонските возила, односно дали нашите патишта се подготвени за вакво оптоварување.
„Согласно правилникот за проектирање, дозволеното осовинско оптоварување е 10 тона по осовина. Сѐ што е над тоа се третира како прекумерен товар кое може да доведе до оштетување на коловозот“, рекоа оттаму, но не кажаа дали се подготвува план за транспорт на јагленот во одредени периоди од денот.
Бидејќи специјалните камиони кипери имаат најмалку три осовини во подвозјето, тие можат да натовар максимални 30 тона јаглен кои според правилникот за проектирање нема да бидат прекумерен товар и нема да го оштетат коловозот.
Вчера пак, директорот на Железници Инфраструктура, Хари Локвенец за МИА изјави дека државната железница ќе ја обезбедува логистиката за транспортот на мазут и на јаглен за потребите на ТЕЦ Неготино и РЕК Битола.
Во финална фаза била реконструкцијата на колосекот до термоцентралата ТЕЦ Неготино со што ќе се овозможи непречен транспорт на потребните колични мазут, а се подготвува и железничката станица „Никола Карев“ во близина на Битолa која моментно не е во употреба, а е најблиска точка за поддршка на железнички транспорт до РЕК Битола, најави Локвенец и додаде дека на овој начин со камионски транспорт јагленот би се транспортирал само 10 километри.
Професорот по математика, д-р Дејан Трајковски од Битола кој стана познат по епидемиолошките прогнози на ковид-19 брановите, понуди неколку решенија со кои ќе се упрости транспортот на јаглен, но тоа би било комбинација од железнички и камионски транспорт.
„Доколку увезениот јаглен, за надминување на тековната криза во РЕК Битола се допремува со железница, би била потребна претоварна станица, близу пружниот премин на Новачки пат кај Света Недела во Битола. Наједноставно би било ако се набават вагони за директно кипување на привремена депонија, од каде со повеќе булдожери би се товарел јагленот во камионите за РЕК Битола. Подваријанта би била шлеперите да стојат под вагоните и јагленот директно да се кипува во камионите, доколку е можно. Булдожерите само би помагале. Покомплицирано решение, за што немаме време за изградба, би било истурање на цели вагони со помош на вртлива платформа (на втората слика). Во тој случај, еден долг камион – шлепер, во каналот долу би можел директно да се полни гравитационо со јаглен и така да се избегнат булдожерите.
Ваквиот претовар би бил најбрз. Најбавниот начин, којшто изгледа не ни бега, е камионите да се товарат со помош на грабилка директно од вагонот, без кипување (на третата слика). Но, така никаде не би стигнале, затоа што еден камион не би можел да се натовари за време од само неколку минути, бидејќи би биле потребни повеќе дигалки, што ги немаме. Знаеме дека за едно деноноќие би требало да се претоварат најмалку 250 шлепери со носивост од по 20 тона и тоа за само еден блок на РЕК Битола, којшто троши по 5.000 тона јаглен на ден“, напиша професорот Трајковски кој се сомнева дека оваа приказна со увозниот јаглен претставува само фрлање прашина во очи и дека целата идеја е неостварлива за толку краток рок.
Орце Костов