Поради дефект во РЕК Битола што се случил рано утрово, запрено е производството на струја во Комбинатот. Според се уште неофицијални податоци од АД ЕСМ, утрово околу 03.30 часот, пукнала цевка во Блок 1, што значи дека престанало и производството на струја. Од ЕСМ само потврдија дека дошло до дефект, но без детали за причините, кои најавија дека ќе ги соопштат во текот на денот.
„Точно е дека нема во моментот производство на струја. Најверојатно до утре ќе биде саниран дефектот и Комбинатот ќе биде ставен во функција. Вториот Блок врз кој се врши ремонт, треба да биде завршен до крајот на месецов, регуларно, но се вршело притисок од Владата, тој да биде готов за една недела, што може да предизвика нова, поголема хаварија“, дознава ММС од свои извори.
Пред три дена во РЕК Битола беше надвор од функција третиот Блок поради пожар од кој се оштети трансформаторот. Во врска со случајот од АД ЕСМ соопштија дека за производство на струја нема да се користи Блок 3, а ќе се рестартира Блок 2.
Инаку, од РЕК Битола се снабдуваат над 70 отсто од вкупното производство на електрична енергија во домашниот електроенергетски систем, што значи дека ваква или слична хаварија е голема опасност државата, пред се за домаќинствата, кои можат да останат без струја.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата деновиве за 5,5 милиони евра купила 26.000 мегавати струја, а доколку тие пари се вложеа во домашното производство, ќе се произведеше за 4 пати повеќе струја или над 100.000 мегавати.
Се очекува утре, министерот за економија Крешник Бектеши, врз основа на мислењето на комисијата, да побара од Владата прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор. Според изјави на бектеши, засега нема да има рестрикции на струја.