Иницијативата „Култура без туртура“ сочинета од актери и дел од уметничкиот и техничкиот тим на штипскиот театар при Домот на културата „Ацо Шопов“, го обвини директорот Горан Трајков за мобинг, кршење на работничките права, закани со откази и побара негово разрешување веќе следната седмица. Одржаа еденминутен молк, како што рекоа, поради „смртта на културата во Штип“.
Од иницијативата, во која тврдат дека се 27 од 40-тина вработени, обвинија дека Трајков од првиот ден не е заинтересиран за разговор со нив, а прво што направил е формирање на дисциплинска комисија. Како резултат на нарушените односи во театарот, изминатата недела беше побарана и полициска асистенција, откако Трајков вербално нападнал актерка.
-За овие седум месеци имаме дебело досие за нарушени меѓучовечки и професионални односи, две психијатриски белешки за мобинг, три пријави за малтретирање, дисциплински постапки во најава и едно отказно решение. Седум месеци владее тотален хаос, додека раководителот на социјалните мрежи наметнува мислење дека е способен и успешен да ја води нашата институција, во име на иницијативата изјави актерот Владимир Тулиев.
Тулиев и самиот е со врачен отказ, чие извршување беше стопирано поради одржувањето на Локалните избори. Иницијативата, за состојбите, веќе го информирала Министерството за култура, од каде најавиле реакција. Засега, на четири дена пред новата премиера, овие актери најавуваат дека ги извршуваат своите обврски, но како што велат, се играат претстави од надвот, додека репризите на штипскиот театар ретко се на репертоар.
-Нашиот театар има осум готови претстави и една премиера во најава.1) ЈЗУ Европа 2)Пасивно пушење 3)Ова дете 4)Отворено море 5)Крилја 6) Зимска прикаска 7) Едип 8)Возможни светови.Од репертоарот имаме изиграно 2 премиери и 12 одиграни претстави за седум месеци. Во септември и октомври само по една претстава од нашиот сопствен репертоар.Седум месеци нашите вработени бараат проблемот да се реши институционално. Седум месеци трпиме. Доста е!, велат актерите.
Директорот Горан Трајков изнесува податок дека од април, од кога се отврени театрите, се играле 18 репризи, што е 1,4 претстави во еден месец. Трајков вели дека проблемите се јавиле кога од актерите се барало поголем ангажман. На обвинувањата за мобинг и заканите со дисциплински постапки, Трајков вели дека не може да одговори, додека не завршат процесите.
-Се’ додека немаме официјални одоговри на постапките, не можам ништо да кажам, затоа што се’ уште сме во изборен процес. Сите постапки што се почнати ќе завршат по завршувањето на изборите.Затоа сега ќе ги третирам како професионална тајна, а понатаму, по официјалното завршување на изборите, официјално ќе информирам, рече Трајков.
Тој вели дека кога актерите зборуваат за работнички права, треба да знаат дека имаат и обврски. Тоа значи навремено и квалитетно одржување на проби, што се секојдневни задачи. Според Трајков, тензиите се повторуваа секогаш пред премиера и се предизвикани од еден човек.
-Истиот тој актер пред јавноста ме етикетира со клевети и лажи, постојано ги руши премиерите на Народниот театар и со тоа ја девалвира работата на останатите актери кои вложуваат во работата. Од моето доаѓање е воведен кастинг,преку кој се избираат актерите, кои ќе играат во новите претстави. Тоа се професионални стандарди. Ако тоа е тортура, тогаш не знам како претходно се работело, но сакам професионалните стандарди да се имплементираат на начин што во нашиот театар нема да се случуваат запивки до доцна во ноќите, двете вработени хигиеничарки на 3000 квадратни метри што треба да ги одржуваат, нема да бидат слугинки на актерите, изјави Трајков.
Тој објасни дека малиот број на одиграни претстави се должи на отсуството на дел од екипата која ги работи претставите. Поради боледувања, отсуствувале актерка, тонец, вработена која била задолжена за одржување на костимите.
Разврската се очекува деновиве. Актерите најавуваат протест доколку нешто не се промени и институциите останат глуви. Од друга страна раководството инсистира на исполнување на работните обврски кои се бараат од актерите.
Директорот Трајков дојде на оваа позиција на крајот на март и од тогаш траат и тензиите.