Полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Кисела Вода, по добиена судска наредба, денеска извршија претреси во дом и други простории на неколку локации во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба”.
Како што соопштија од МВР, претрес е извршен на улицата „Рилски Конгрес” во домот на С.Т.(67), и на улицата „Александар Бујунов” во две куќи сопственост на М.З.(63).
-При претресот е најден пиштол и разновидна опрема за копање на криптовалути, 16 ригови со 99 графички картички, 1 мајнер, со кои се вршела кражба на електрична енергија, што било потврдено и од претставници на ЕВН, информираат од МВР.
Во консултација со Јавен обвинител предметите ќе бидат одземени, а лицата се приведени и по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
МИА