Снегот подрани во Кина – Снежната покривка во Пекинг предизвика сообраќаен хаос – ММС
ММС

Објавено на: 11/7/21 11:30 AM

Снегот подрани во Кина – Снежната покривка во Пекинг предизвика сообраќаен хаос

Раниот снег го покри поголемиот дел од северна Кина, вклучително и главниот град Пекинг, предизвикувајќи затворање на автопатите и откажување или доцнење на авионите и возовите.

Температурите паднаа под нулата, а студениот бран се движеше од запад кон исток. Снег денеска падна во Пекинг, во блискиот град Таинџин и североисточна Кина, додека претходниот ден погоди делови од Внатрешна Монголија и други западни области.

Националниот метеоролошки центар издаде портокалов метеоролошки аларм за снежни виулици, што е второ највисоко ниво во системот за предупредување од четири степени во Кина. Во одредени области се предвидуваат врнежи од снег и до 30 сантиметри.

Пекинг беше најтешко погоден утрово. Неколку делови од автопатиштата се затворени, автобускиот сообраќај на повеќе од 160 линии е привремено прекинат, а бројот на летови до двата главни аеродроми во градот е намален, објавија државните медиуми.

Брзите возови за Тијанџин и Шангај се откажани или одложени.

Небото се расчисти во кинеската престолнина во попладневните часови по локално време додека снежната бура се движеше на исток.

Градските власти соопштија дека снегот од населбите каде има случаи на зараза од Ковид-19 нема да се отстранува, објавија државните медиуми. Тие не наведоа зошто, но Кина воведе невообичаено строги мерки во пристапот на нулта толеранција во сузбивањето на ширењето на вирусот.

Во автономната област Внатрешна Монголија, во саботата беа откажани летовите на аеродромот Хохот, главниот град на тој регион, јави агенцијата Ксинхуа. Исто така, некои автопати се привремено затворени во провинцијата Хебеи, која го опкружува Пекинг, и на запад во провинцијата Шанкси, објави новинската агенција Ксинхуа.

Преземено од: https://beta.rs/
Фотографија: Beta