Прашање за доверба на влада можат да постават најмалку 20 пратеници, а гласањето за доверба се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето, се предвидува во Уставот на Република Северна Македонија.
-Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на влада. Прашање за доверба на влада можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба-, се наведува во членот 92 од Уставот на РСМ.
Одлуката за изгласување недоверба се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на владата и е изгласана недоверба, таа е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот.
Во истиот член 92 се наведува и дека повторно прашање за доверба не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во членот 93 од Уставот, меѓу другото, се предвидува дека владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова влада. (МИА)
Објавено на: 11/5/21 10:15 PM