Дури 15 години нема специјализант за педијатрија, а многу пати баравме, вели Орхан Зеќир, началник на детско одделение во Охрид – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/21 9:55 PM

Дури 15 години нема специјализант за педијатрија, а многу пати баравме, вели Орхан Зеќир, началник на детско одделение во Охрид

На почетокот на ноември, детското одделение,во Охрид, остана затворено. Причина за тоа е недостатокот на кадар. Од четворица педијатри, колку што претходно имаше, одделението, остана само со двајца, од кои еден од нив во февруари треба да замине во пензија. Во моментот одделението работи само како обична амбуланта за прегледи, од осум часот наутро, до 20 часот навечер.Нема да работи ниту за време  викендите, па најмладите жители на Охрид за хоспитализација и за преглед после 20 часот,како и во сабота и недела, одат во соседна Струга.

„За жал детското одделение престанува да работи како одделение.Ја продолжува работата како обична амбулантна служба. Сето тоа се должи на кадровски промени и кадровски недостатоци.Останаме само двајца педијатри во цела болница. И практично е неиздржливо.Ние пробавме да работиме еден месец, секој втор ден по 24 часа, но навистина е неиздржливо и затоа ќе мора додека се најде некое решение, да ја прекинеме работата, како одделение со болнички пациенти“, вели Орхан Зеќир, началник на детско одделение во Охрид.

Зеќир вели дека во изминатите 15 години, не бил пуштен специјализант за педијатрија, иако во многу наврати го барале тоа.

„Едноставно немаше разбирање. Постои голема веројатност јас да останам сам овде.За минамилано функционирање на една 24 часовна служба се потребни минимум 5 доктори. Инаку некој оптимум се шест до седум доктори. Побаравме помош од Струга не одбија, побаравме помош од Кичево не одбија, побаравме помош од матичните доктори, само една докторка прифати“, вели Зеќир.

Во однос на недостатокот на млади специјализанти,Зеќир вели дека на сметка на некои специјалности кои што биле во хиперпродукција, останале без специјалности кои се потребни, а ги нема.

„Јас како началник на детско одделение сум презагрижен. Затоа што се ова што и натаму ќе се прави ќе биде едно прикрпување, затоа што ние имаме две специјализантки, кои во најдобар случај ќе дојдат за четири до пет години. А до тогаш што ќе правиме.А, што се две специјализантки“, додава Зеќир.

Според Зеќир, ако не се најде некое решение и ако евентуално дојде до целосно затворање на одделението, ќе биде трагично за сите.

„Ќе биде трагично за Охрид. Сега веќе е трагично, а тогаш ќе биде катастрофално трагично“, вели Зеќир.

На дневно ниво имаат и по 40 прегледи, а годишно и по 3000 пациенти  се лекувале овде. Откако од Струга не одговорија позитивно на барањата на охридската болница да помогнат со одредени дежурства во детското одделение во Охрид, во Струга веќе се примаат пациенти од Охрид. Но и од таму велат дека ќе биде тешко да се одговори на предизвикот бидејки и тие располагаат со ограничен број на кревети, а покриваат голема територија од население, плус доаѓале и пациенти од Дебар. Имаат само18 кревети и седум во дневната болница.

„Физички можеби ќе ни биде потешко, но деца се во прашање, што сигурно нема да ги оставаме не згрижени. И Струга е како регион со детска популација голем. И без тоа имаме ние зголемен капацитет, во тие сезонски грипови и во летен период кога се тука туристите.И нашиот капацитет физички е ограничен за да можеме да одговориме со ротирање и работа во Охрид“, рече Нада Колоска,педијатар на детско одделение во Струга.

„Се случува за 24 часа, да поминат скоро педесет деца. За викенд и за празници таа бројка знае да се дуплира, но засега сме во состојба да излеземе во пресрет и на охридските пациенти. Дали ќе издржиме јануари и февруари,времето ќе покаже“, вели Вулнет Бектеши, педијатар од Струга.

Но и во Струга,од вкупно шест педијатри, тројца се пред пензија. Додека од овие шест, дел работат на оделот за неонантологија, а дел на педијатрија.

Од Министерството за здравство велат дека прегледот и пружањето здравствена грижа на деца во оштата болница во Охрид се одвивало непречено, во прва и втора смена.

„Во болницата работи и дневна болница за пружање на лекарска грижа на пациентите. Дополнителна поддршка на болницата за лекување на деца е болницата во Струга. Министерството за здравство е запознаено со околностите со двајцата педијатри и во најбрзо време за болницата ќе се обезбедат уште двајца педијатри“,велат од Министерство за здравстви.

Од болницата во Охрид, велат дека поради недостиг на специјалисти по педијатрија, одделот за детски болести ќе извршува амбулантски прегледи на пациенти со работно време од 08 до 20 часот. Новото работно време ќе биде со времен карактер, се до обезбедување на кадар за работа.

Мики Трајковски