Под мотото „Култура БЕЗ тортура“, вработените во НУЦК Ацо Шопов-Штип бараат разрешување на директорот Горан Трајков – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/21 7:27 PM

Под мотото „Култура БЕЗ тортура“, вработените во НУЦК Ацо Шопов-Штип бараат разрешување на директорот Горан Трајков

Голем дел од вработените- актери, режисери, драматурзи, административни и останати работници во НУЦК Ацо Шопов – Штип под мотото „Култура БЕЗ Тортура“, бараат од Министерството за култура под итно да го разреши господинот Горан Трајков од функцијата директор на НУЦК Ацо Шопов – Штип.
Во писмото до медиумите тите пишуваат: „Откако лицето Горан Трајков ја извршува функцијата директор на НУЦК Ацо Шопов – Штип вработените се постојано изложени на деградација, повишени тонови, психичко малтретирање. За нашиот случај се известени Синдикатот на културни работници, Министерството за култура како и Општина Штип.
Нашиот раководител, директорот на НУЦК Ацо Шопов – Штип, Горан Трајков кога му го испрати отказот по пошта на колегата Владимир Тулиев во интервју тврдеше дека не сака работите да се решаваат на Фејсбук. Но, овојпат јавно нѐ прозва со низа клевети и невистини“, велат тие.

Додаваат дека, почувствувале должност да го објават писмото на нивната ФБ страница под мотото „Култура БЕЗ Тортура“ на 04.11.2021г., но истата била блокирана по неколку часа, откако го пуштивме првото соопштените, па затоа соопштението го испраќаат до медиумите.
„Директоре, по многу нешта сте единствен и уникатен. Тоа никој не може да ви го одземе. Направивте вработените од една мирна институција која работи 70 години втор пат да Ве пријават во полиција. Најверојатно тоа е Вашата пракса за директорување, бидејќи и на претходното работно место сте ја применувале. Во врска со вашето назначување има многу прашања: Како еден човек кој не е запознат со материјата која ја работи, човек кој не влегол своеволно во театар (било каде во Македонија) го води истиот? Каде еден човек поставен за раководител, кој е веќе познат во градот како проблематичен и исфрустриран лик кој нема почит најпрво за себе, а потоа и за другите ќе ја однесе нашата институција? Кој нас ќе ни се извини за навредите, дискриминацијата, нарушување на професионалниот однос, лошата атмосфера за работа и саботирањето на проектите? Вие често се нарекувате продуцент. Продуцентот продуцира. Продуцентот мисли како да створи, а не да растури. Еден директор не треба да се фали со сменети 150 сијалици. И 1.500 сијалици да смените нема да промени ништо затоа што по толку навреди дневно фрлате на вработените. Смешен е и постот дека сте набавиле миксета. Тоа не е за фалење. Тоа е вашата обврска. Обврска Ви е и да подготвите репертоар. Но, претпоставуваме бевте зафатени со организирање на „старо купувам пазар“ во центарот за култура?“, стои во соопштението.

Меѓу другото, се додава дека останува отворено прашањето- како еден човек, лик со ни малку општа и елементарна култура станува раководител на културна институција? „Добро би било Вие директоре да сфатите барем едно: Директор е менлива позиција. Тоа ќе дојде набргу, а потоа ви посакуваме да поминете малку време со себе и да разговарате со себе смирено, не како со вработените. Кој знае, можеби и ќе заклучите каде згрешивте“, пишуваат вработените со отвореното писмо до медиумите.