Божикни пештери за христијанските домови од рацете на Раичкото сестринство – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/21 5:18 PM

Божикни пештери за христијанските домови од рацете на Раичкото сестринство

Сестринството од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ кај Дебар, поттикнато од желбата да ја внесе божикната атмосфера во православните домови, се погрижи и оваа година да изготви божикни пештери и така да одговори на сè поголемиот интерес на верниците за овој традиционален, уникатен божикен украс.
-Наближува времето да се потсетиме на мигот кога Бог ни ја покажа својата неискажлива и несфатлива љубов – раѓајќи се од Дева, за да му донесе мир на светот и да го спаси целото човештво. Ние сите треба да ја пренесуваме радосната вест за тоа свето раѓање и од срце да се потрудиме Божик да го добие своето вистинско достоинствено место во христијанските домови, изјави за МИА, сестра Ефимија.
Сестрата додава дека тогаш нашите домови треба да го понесат свечениот лик на Витлеемската пештера, за така украсени, со својот празничен амбиент да ја сведочат „чудесната божикна приказна за Божественото Дете, кое дојде кај нас и ни ги донесе мирот, радоста, љубовта“.
-Пештерите се направени од различни прикладни материјали, раскошно украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандилo и претставуваат прекрасно надополнување на божикното дрвo, во духот на нашата православна традиција, посочува таа.
Изработката на божиќните пештери во овој наш познат женски манастир почна пред десеттина годни, со благослов, како и сега на епископ г. Партениј, како обид за возобновување на старите автентични божиќни традиции.
Со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благостојба сестрите изработиле стотици пештери, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции.
-Заинтересираните верници кои сакаат да си ги украсат своите домови со рачно изработена Божикна пештера, можат да пратат СМС или да се јават на следниoв броj: 075 245 791 кај сестра Филотеја за нарачка. Нека божикната радост се всели во секој православен дом, посака сестра Ефимија. (МИА)