Продлабочувањето на економските врски и соработката на регионална основа се можност за забрзување на економскиот раст и заемна корист на земјите од Западен Балкан и на вишеградската четворка. Тоа беше истакнато на работната средба што се одржа деновиве во Будимпешта на претседатели и на високи претставници на десет стопански комори – шест стопански комори од земјите на Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија), и четири земји од т.н. Вишеградска група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска).
Ова е прва средба од ваков вид и е дел од активностите на Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, а од државава учествуваше Стопанската комора на Северна Македонија, како единствена комора – членка на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан.
-Средбата доаѓа во важен момент, кога европскиот интегративен процес на земјите од Западен Балкан доживува одредено забавување. Во тој контекст, продлабочувањето на економските врски и соработката на регионална основа се можност за забрзување на економскиот раст. Постои значителен неискористен потенцијал за поголемо економско поврзување, па во наредниот период низ разновидни форми ќе се бараат најефикасните механизми за негово искористување-, соопшти СКСМ.
Коморите од Вишеградската група и од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја потврдија заедничката желба да придонесат за понатамошниот развој на регионалната економска соработка меѓу земјите од В4 и ЗБ6, да соработуваат и придонесуваат за подобрување на деловната и инвестициската клима и за развојот на приватниот сектор во земјите, како и да имаат поактивен придонес за економско рестартирање на регионот по пандемијата со КОВИД-19 за справување со економските предизвици и последиците од кризата. (МИА)
Објавено на: 11/5/21 4:54 PM