„По 200 деца наредени како сардини колабираат во школските автобуси, а на училиште во средствата за дезинфекција ставаат вода“, се жалат тетовските средношколци и со бојкот бараат почитување на протоколите – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/21 1:58 PM

„По 200 деца наредени како сардини колабираат во школските автобуси, а на училиште во средствата за дезинфекција ставаат вода“, се жалат тетовските средношколци и со бојкот бараат почитување на протоколите

Наставата да биде онлајн во перидот што следи, бидејќи се очекува нов пик на Ковид 19 и да се воведе строга контрола кај превозниците, кои превезуваат средношколци, бидејќи се возат како сардини, кој стоечки, кој седнат во скут, на дистанца од 20 сантиметри и  опасноста од ширење на Ковид 19 е огромна.

Ова се двете барања на средношколците од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, кои следат настава на Македонски јазик. Дел од нив денеска пред училиштето организираа предупредувачки бојкот на наставата и ако во текот на наредната недела не се прифати барем едно од барањата, од наредниот понеделник најавуваат масовен бојкот.

-Сите знаеме дека еден автобус може да собере 40 деца, со протоколите треба 20 на пола, а автобусите се преполни и некогаш има над 200 деца, па им паѓа мака и колабираат. Првин тој проблем треба да се реши, а второто барање барем додека трае пикот, кој се очекува да пристигне наскоро да има онлајн настава, па кога ќе се создадат услови за физичко присуство да одат со физичко. Ние сме сложни дека треба да има физичко присуство, но мора барем сега кога велат дека ќе биде опасно да се заштитиме, истакна Синиша Серафимовски преставник од Советот на родители од Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово.

На бојкотот денеска се приклучија и дел од учениците кои следат настава на македонски јазик од Општинското средно училиште „8 Септември“ во Тетово. Уплашени од трагедијата која го потресе градот, откако нивна соученичка почина од Ковид 19, сметаат дека е неопоходно што поскоро да се воведе контрола кај превозниците, каде опасноста е голема, со оглед на претпоставката дека девојчето кое почина од Ковид 19 се заразило токму во автобус кој го користела секој ден за да стигне до училилиштето од село Сиричино каде живееше.

-И во нашето школо има проблеми со Ковид 19. Ние бараме од Секторот за јавни дејности да се регулира сообраќајот кој го користат учениците. Превозниците возат со полн капацитет или го надминуваат тој капацитет, не сакаме да се повтори тоа што се случи во економското училиште кога една наша соученичка почина од Ковид 19. Не мора да биде онјалн наставата, само таму треба подобро да се почитуваат протоколите и хигиената, да има сапуни, дезинфекциони средства, но најважно е превозот да се среди, затоа што превозниците се најголемиот извор на зараза. Седат учениците по скутови, како сардини се наредени и во училиштата наместо средтсва за дезинфекција се става вода. Да има во секоја училница добри средства  за хигиена, ние носиме маски, но не е само тоа решение за спас од Ковид 19. Важно е побезбедно да пристигниме во училиште и таму да бидеме побезбедни, истакна средношколката Елена Кузмановска од ОСУ „ 8 Септември“ во Тетово.

Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, накусо ни одговори дека не бил запознаен со новонастаната состојба со средношколците. Ги повика заедно со нивните родители да остварат средба, каде ќе се разговора за проблемот и ќе се изнајде соодветно решение.

(З.Д.)