Познати условите за екстрадиција на Груевски, но ги знае само ловецот на кликови – ММС
ММС

Објавено на: 11/4/21 11:23 AM

Познати условите за екстрадиција на Груевски, но ги знае само ловецот на кликови

Македонски портал пишува за намерата на опозицискиот кандидат за премиер на Унгарија, Питер Марки-Заи, доколку дојде на власт, да ги испорача, како што пишува „криминалните мигранти на Фидес“. Прв што го споменува опозиционерот, е поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.  Порталот во „бомбастичен“ наслов тврди:

Најавена екстрадиција на Груевски: Ова се условите“.

Во текстот ни збор за условите. Порталот пренесува дел од говорот на Марки–Заи на 23 октомври и при тоа, пишува:

„Ако Орбан ја изгуби моќта следната година, поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, ќе се соочи со екстрадиција (заедно со јорданскиот бизнисмен Заиф Нафа и други)“.

Понатаму во текстот порталот дава кратки информации дека опозиционерот Марки–Заи, актуелен градоначалник на мал унгарски град, ќе му биде противкандидат на актуелниот премиер од Фидес, Виктор Орбан на парламентарните избори во Унгарија, напролет догодина.

Во прилог го пренесува твитот на Марки–Заи со цитат од говорот, меѓутоа, никаде во текстот не се споменуваат ниту услови, ниту можната екстрадиција на Никола Груевски.

Оградата ќе остане и ќе ги избркаме криминалните мигранти кои ги насели Фидес. Ќе ги екстрадираме Никола Груевски од Македонија, Заид Нафа од Јордан и други криминални мигранти населени од Фидес“, пишува Марки-Заи на Твитер.

Унгарскиот опозиционер се споменува како сериозен ривал на премиерот Виктор Орбан, чија влада му даде политички азил на Никола Груевски и го одби барањето на македонското Министерство за правда за екстрадиција. Унгарскиот новинар и публицист Јанош Зеки, на јавноста и’ свртува на внимание на двајца политичари – Золтан Кез и Петер Марку-Зои и пишува:

Двајцата разочарани поранешни Фидес-овци, реални конзервативци, двајцата со американско образование. Нема тука коинциденција“.

Текстот на порталот е пренесување на веќе објавените информации пред една недела на некои од македонските медиуми, кои ја споделуваат изјавата на унгарскиот опозиционер.

Ова е типичен клик бејт наслов, кој ги манипулира читателите, со единствена цел, што повеќе луѓе да го отворат текстот. Читателот останува со „празни раце“, бидејќи насловот „продава“ нешто што воопшто го нема. Текстовите врзани за поранешниот македонски премиер Никола Груевски се особено атрактивни по завршувањето на Локалните избори 2021, на кои ВМРО ДПМНЕ освои половина од општините. Ова ги подгреа шпекулациите, особено на социјалните мрежи дека Груевски се враќа од Унгарија како слободен човек. Во време на засилен интерес на јавноста на темата Груевски, објавувањето на информација на 1 ноември за настан од 23 октомври, укажува на намерата за собирање кликови, без да понуди нова информација, што е новинарството по дефиниција.

„Онлајн медиумите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло му е познато на новинарот, повикувајќи се на различни извори на информации и, по правило, потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори.Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.