По едночасовната пауза, денешното, прво рочиште за крвавиот четврток продолжи со воведни зборови. Обвинителката, Вилма Русоска во својот воведен говор посочи дека насилниот протест во Собранието кој се случи лани на 27 април, не бил спонтан и не бил резултат на спонтани емоции.
Таа рече дека обвинетите може да се категоризираат во групи, а секоја група имала своја улога. Според неа, обвинетите Александар Василевски Нинџа и Никола Митревски заедно го планирале и контролирале насилниот упад. Сега обвинетите пратеници пак, според обвинението, отворајќи ја вратата на Собранието ја изневериле институцијата во која биле избрани да служат.
Обвинителката Рускоска рече дека групата од иницијативата За заедничка Македонија имала задача со потпалувачки говор да ја повика во Собранието групата која тој ден протестирала во Скопје против таканаречената тиранска платформа. Таа потенцираше дека тој ден, дел од демонстрантите се сретнале во кафуле во центарот на Скопје од каде се упатиле кон продавница од која купиле црни маски, популарно познати како фантомки.
Обвинителката потсети дека тој ден, кога на собраниската говорница се пееше албанската химна, сега обвинетиот Дамовски им се обратил на демонстрантите со зборовите: ,,Денес се пееше друга химна на говорница. Ова е окупација, мора да го одбраниме Собранието”.
Рускоска рече дека се надева, оти до крајот на главната расправа ќе се знае кој тоа го окупирал Собранието. Таа додаде дека вратите за демонстрантите ги отвориле двајца пратеници од сега обвинетите, а екс директорот на БЈБ, Митко Чавков бил информиран за тековните случувања. Сепак тогашниот министер за внатрешни работи, Нухиу не можел да го добие на телефон, ниту пак добивал одговори на смс пораките кои му ги испратил.
Воведниот говор на Русоска започна пред околу еден час.
,,Овој случај е политички прогон и е производ на политички реваншизам. Доказите ќе покажат примитивно насилство, а не политичка реторика”, нагласи обвинителката во воведните зборови на рочиштето кое претпладнево започна околу 10 и 30 часот.