Цената на нафтата ќе се искачи нa 120 долари за барел – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/21 11:26 AM

Цената на нафтата ќе се искачи нa 120 долари за барел

Референтната меѓународна цена на нафтата Брент ќе достигне 120 долари за барел до крајот на јуни 2022 година, се наведува во анализата на Банка на Америка (Bank of America BofA).
Катализатор за оваа прогноза за цените на нафтата е актуелната светска енергетска криза, поради која цените на суровата нафта, јагленот, природниот гас и течниот природен гас (ЛНГ) нагло пораснаа поради нарушената рамнотежа меѓу понудата и побарувачката.
Пред само еден месец, БофА предвиде дека нафтата може да достигне 100 долари за барел во следните шест месеци, во случај зимата да биде постудена од вообичаено. Тогаш се проценуваше дека ниските температури ќе бидат главен двигател на цените на светските енергетски пазари.
БофА сега наведува дека закрепнувањето на глобалната побарувачка на нафта ќе продолжи да ја надминува понудата во следната 1,5 година, што ќе резултира со пад на резервите и ќе подготви терен за пораст на цените на „црното злато“.
Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, групата ОПЕК плус утре повторно ќе проценат дали дополнително да го зголемат производството.

(МИА)