Советот на Општината Штип не одговорил на две барања за зголемување на цените на такси превозот, по што од вчера такси компаниите се договорија да возат за цени зголемени за 40%. Тоа значи граѓаните ќе плаќаат по 70 денари за старт, наместо досегашните 50 денари, додека за секој дополнителен километар по уште 20 денари.
Оваа одлука е еднострана, односно не е одобрена од Советот на Општината Штип, како што налага законот, но како што велат превозниците, е изнудена откако подолго време се игнорираат нивните барања за нови цени. Образложенијата на таксистите се дека секојдневно расте цената на горивото, додека тарифите остануваат исти поради тоа што Советот одлучил да ги одмолчи нивните барања.
Најавуваат дека ако продолжат да растат цените на горивата, можно е пак да се зголемат и цените на превозот. ММС веќе пишуваше за ставот на такси компаниите, кои велат дека ниските тарифи го десеткуваа бизнисот.
-Ако пред четири години во Штип имало 300, сега има 150 такси возачи. Причина за намалување на такси возилата низ улиците е пандемијата, како и неисплатливоста да се занимаваат со овој бизнис, изјави Глигор Арсов, претставник на Здружение на такси возачи од Штип.
На потег е Општината која ја одредува тарифата на такси превозот. Ова полузаконие на превозниците засега останува без реакција. Според законот, такси превозниците треба да возат со вклучени таксиметри, кои се баждарени според одлуката на цената на Советот на општината. Во овој случај, со самоволното покачување на цената, не може да се изврши баждарење според новата цена, која сами си ја определија. Таксиметрите всушност и не се користеа до сега, бидејќи секое вклучување значеше и повисока цена за патниците.
Штип останува еден од градовите каде нема организиран јавен превоз. Апсурдот е што градот пред некоја година вложи во нови, современи автобуски постојки за јавен превоз, кој никогаш не профункционира. Неформално, превозниците велат дека градски автобуси нема ни да има низ штипските улици, се’ додека владеат јавно – приватните интереси на еден голем штипски превозник, кој истовремено е и во бизнис релација со Општината.
Во еден од предизборните дуели на Канал 77 на досегашниот градоначалник Сашко Николов и новоизбраниот Иван Јорданов беше поставено и прашањето дали конечно ќе профункционира јавниот превоз.
И двајцата најавија субвенционирање на превозниците, но без конкретни решенија. Општините, доколку сметаат дека е од интерес на граѓаните, можат да одвојат средства од општинскиот буџет и да го субвенционираат јавниот превоз. Соседно Свети Николе на пример, веќе две години го субвенционира автобускиот превоз до селата и цената е од 10-30 денари на билет, во зависност од релацијата.
Во Штип сите кандидати за градоначалници во своите предизборни кампањи зборуваат за јавен превоз, но кога ќе дојдат на власт, темата е брзо заборавена. Јавниот превоз за град од 46.000 жители и илјадници работници се потпира на такси превозниците и возачите во поодмината возраст, стечајци и пензионери.