Владата без Заев во неа ќе добие последна шанса од ЛДП, најави лидерот Горан Милевски – ММС
ММС

Објавено на: 11/2/21 2:21 PM

Владата без Заев во неа ќе добие последна шанса од ЛДП, најави лидерот Горан Милевски

Оставката на премиерот Зоран Заев е дефинитивна и нам не ни е толку важно името на новиот претседател на Владата, туку како таа ќе продолжи со новата политика, изјави денеска министерот за локална самоуправа и лидер на Либерално демократската партија (ЛДП), Горан Милевски гостувајќи на „Утрински Брифинг”.

– Оставката е дефинитивна, нема сомнеж и нема што тука да се дебатира. Ние тоа го знаевме, бидејќи тоа ни беше најавено од него уште по првиот круг. Заев откако објави дека ќе поднесе оставка на позицијата премиер, ќе побара мислење од коалициските партнери за новото име што треба да ја предводи Владата. Оставен е простор дека името е отворена тема, рече дека ќе го слушне мислењето на коалициските партнери оваа недела. Нас не ни е толку важно името на новиот премиер, туку како ќе продолжи новата политика, вели Милевски.

Според него, Заев сака СДСМ и Владата да се трансформираат.

– Имаме уште 2,5 години. Ако ова парламентарно мнозинство има искрени намери да ги промениме работите, тогаш граѓаните тоа ќе го видат, но ако продолжиме на овој начин, дури и порано ќе има промена на Владата, смета Милевски.

Осврнувајќи се резултатите од локалните избори на кои ЛДП настапи во коалиција со ДОМ, која освоија речиси 25 000 гласови за советничките листи и еден градоначалник, Милевски вели дека е задоволен од постигнатото.

– Сите ни предвидуваа дека ќе завршиме како малите партии, кои освојуваа по 3000 гласови на избори. Сметам дека направивме добар резултат, имаме инфраструктура, имаме идеологија и ја имаме довербата кај граѓаните. Сега сме на едно средно ниво на партија и пред нас се само Левица со некои 48 000 до 50 000 гласови. Сметаме дека сега малку повеќе треба да се слуша гласот на третата опција, на либералната, на зелената опција и да бидеме вградени во проектите на Владата што ни недостасуваше, зошто практично бевме доведувани пред свршен чин за некои работи, истакна Милевски.

Според него, во владината коалиција се потребни партнерски односи и заедничко градење на политиките.

– Тоа е она што го очекуваме од новата влада, која од нас ќе добие уште една, последна шанса, додаде Милевски.