Претседателот Стево Пендаровски кој учествува на Светскиот лидерски самит во рамки на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26) во Глазгов, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска успеа да одржи четири кратки средви со најголемите светски лидери.
„На маргините на Самитот за климатски промени #COP26 остварив уште четири кратки средби, со претседателот на САД Џо Бајден, германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот на Индија, Нарендра Моди и израелскиот премиер Нафтали Бенет. Се вбројуваме и здружуваме со земјите кои активно преземаат обврски за борба против климатските промени. Важно е да се чујат и нашите заложби и работа во овој дел. #TogetherForOurPlanet“, напиша Претседателот Пендаровски на социјалните мрежи.
Претседателот Пендаровски присуствуваше и на приемот што за лидерите учесници на самитот ќе го приреди премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, а ќе присуствува и на настанот со кој ќе се означи почетокот на глобалната заложба за метан, како иницијатива на претседателот на САД, Џозеф Бајден и претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, како и на лидерскиот настан „Акција и солидарност – критичната деценија”, во организација на премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
Главна цел на конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (COP26) е да ги собере светските лидери за да се забрза акцијата кон целите од Парискиот договор од пред 6 години, за одржување на растот на температурата под 1,5 степени, со демонстрирање на нивната посветеност за “нето нулта стапка на емисии на штетни гасови” и заложба земјите да престанат да го употребуваат јагленот.
О.К.
фото: Кабинет