И покрај политичката криза, Предлог-буџетот ќе биде донесен навреме, вели Бесими – ММС
ММС

Објавено на: 11/2/21 2:16 PM

И покрај политичката криза, Предлог-буџетот ќе биде донесен навреме, вели Бесими

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува дека Предлог-буџетот за 2022 година ќе биде донесен навреме и покрај политичката криза во земјава. Станува збор за развоен буџет, со зголемени капитални расходи за 27 отсто, во споредба со претходниот. Се планира редовна исплата на платите, пензиите и социјалните трансфери, а зголемени плати ќе има во здравството, образованието, културата, судството, јавното обвинителство…
Буџетот има четири основни цели – продолжување на грижата за заштита на здравјето, економско заздравување, зголемување на инвестициите и непречено финансирање на основните функции на државата.
–Не гледам причина зошто не би се донел навреме Предлог-буџетот. Има најави и од најголемата опозициска партија дека тој ќе биде разгледан -, рече Бесими на прес-конференција во Владата, на која го објасни ов0ој документ.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 3,885 милијарди евра или 32 проценти од БДП, а приходите на 4,4 милијарди евра или 30,9 проценти од БДП, а се планира дефицит од 545 милиони евра или 4,3 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 отсто повисоки од 2021,  расходите се зголемени за само 1,4 отсто во споредба со расходите во 2021 година, а кратење има кај непродуктивните трошоци и за стоки и услуги има намалување на ставката од 6 отсто.

Дефицитот и отплатата на долгот од 11,6 милијарди денари (од кои за надворешниот долг се 6,1 милијарди денари, а за домашниот  5,5 милијарди денари) ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување . Според Бесими, меѓу изворите за финансирање на дефицитот, првпат ќе се воведат нови инструменти, како зелените, проектни обврзници и обврзниците индексирани со инфлацијата, кои се дел од Планот за забрзан економски раст.
Капиталните расходи се проектирани на ниво од 37,8 милијарди денари, што е раст од 27 отсто во однос на 2021, а нивното учество во вкупните е 14 отсто и е историски најголемо учество.
Стапката на инфлација е проектирана на 2,4 отсто, извозната активност да се зголеми за 8,3 отсто, а бројот на вработени за 3,1 отсто. За здравствена заштита планирани се средства во износ од 36 милијарди денари, најмногу за финансирање на здравствени услуги, мерки за заштита од ковид пандемијата и достапност на лекови. Здравствените работници ќе добијат зголемување на платите за што се предвидени 700 милиони денари.

Идната година се очекува да се вратат стапките на раст од преткризното ниво, на глобално ниво, а  економијата да достигне раст од 4,9 отсто, според проекциите на ММФ. За ЕУ е проектиран раст од 5,1 отстот за годинава и 4,4 отсто за 2022 година. Германија, како наш најзначаен трговски партнер, се предвидува да има економски раст од 3,1 процент во 2021 и 4,6 проценти во 2022 година.