Уставното име мора да се почитува – МНР загрижено за угледот на земјата по последните случувања во Советите на Штип и Аеродром – ММС
ММС

Објавено на: 11/2/21 11:34 AM

Уставното име мора да се почитува – МНР загрижено за угледот на земјата по последните случувања во Советите на Штип и Аеродром

Министерството за надворешни работи е загрижено од постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори, посебно во општините Штип и Аеродром и случувањата на конститутивните седници.

„Со Законот за ратификација на Конечната спогодба, Одлуката за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот“, велат од МНР.

Секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа,вклучително и во свечената изјава,од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија.

„Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, соопштија од МНР и истовремено упатија апел до надлежните институции да реагираат според законот.

 

О.К.