Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин и лидерот на ЛДП, Горан Милевски пред денешната средба во Владата информираа дека остануваат дел од парламентарното мнозинство и дека не поддржуваат одржување на предвремени парламентарни избори.
– И пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето „Одлучно за промени” кажавме дека сме дел од парламентарното мнозинство и дека мнозинството и Владата се стабилни и не поддржуваме одржување на предвремени парламентарни избори и формирање на ново парламентарно мнозинство бидејќи на Македонија и е потребна стабилност, се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата – рече Морачанин.
Прашана дали би биле дел од друго парламентарно мнозинство, Морачанин со став дека ниту имале такви преговори, ниту пак дека тоа е нивна идеја.
– Она што сакаме да го постигнеме е да се забрза процесот на реформи, да се интензивира борбата против корупцијата и да почнат пристапните преговори, рече Морачанин.
Додаде дека нема да инсистираат досегашниот премиер Зоран Заев да остане на функцијата затоа што тоа е негов личен став.
– Тоа е негов личен став од морални и етички причини. За нас е многу важно кои се визиите за новиот премиер и новата влада. Да видиме која е идејата и кои се очекувањата. Клучен момент се програмските определби на новата влада, за што ќе се залага и кои ќе бидат приоритетите, рече Морачанин.
Досегашниот премиер, Зоран Заев вчера на прес-конференција објави дека поднесува оставка од премиерската функција и како лидер на СДСМ истакнувајќи дека ја презема одговорноста за лошиот изборен резултат. Денеска во Владата во тек е состанок со лидерите на коалиционите партнери.
МИА